Преподобен Наум Охридски Чудотворец, неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести
Преподобен Наум Охридски Чудотворец
Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.
Тропар
Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живеејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави н? од искушенија.
Кондак
Пречесниот спомен на твоите светли подвизи е како големо сонце кое свети, просветлувајќи ги сите оние што те слават тебе, бидејќи изгонува секаква болест и бесови. Поради тоа, собрани, со љубов верно да го прославиме.
Светиот свештеномаченик Методиј, епископ Патарски
На подвиг се посвети уште од младоста и како град на врв планина го видоа и го повикаа за епископ во градот Патара Ликиска. Учен и благоглаголлив архиереј, пишуваше против ереста на Ориген. Неговите „боговдахновени зборови како молња заблеснаа во светот“. Се кренаа на него незнабожците, го мачеа и го заклаа во Халкида Сириска, во 311 година.
Тропар
Двоен венец Небесата ти исплете, блажен Методие, кој стигна да се храниш со десетте добродетели, и смирен исповедник на вистината, кој прелеста Оригенова со благодатта Христова во прав ја развеа. Радувај се, мачениче, радувај се, философе, и за нас непрестајно моли се.
Светите маченици Аристокл, Димитријан и Атанасиј
Аристокл беше свештеник во соборната црква во градот Тамас на Кипар и водеше богоугоден живот. Заради својата голема ревност се удостои со глас од небото да оди во Саламина Кипарска за да прими венец на мачеништво. Но му се придружија ѓаконот Димитријан и чтецот Атанасиј. Кога овие Божји луѓе дојдоа во Саламина, почнаа да Го проповедаат Христа. Незнабожците ги фатија и откако ги намачија, Аристокл го убија со меч, а Димитријан и Атанасиј ги изгореа во оган, во 306 година.
Тропар
Гласот над водите те поведе од гората во подножјето на храмот Божји, свет Аристокле, од каде со Димитријана и Атанасиј стапивте на служба во војската Христова маченичка. Спомнете си сега за нас од Небесното Царство, вие свети служители на Божјата скинија.
Свети Калист I, патријарх Цариградски
Како ученик на Свети Григориј Синаит се подвизуваше на Атон во скитот Магула кај Филотејскиот манастир полни дваесет и осум години. Овде подоцна ја подигна Светата обител на Свети Мамант. Во 1350 година беше избран за патријарх Цариградски. По четири години се оддалечи од патријаршискиот престол и дојде повторно на Света Гора. Но во времето на царот Јован Палеолог беше вратен пак на престолот на којшто како патријарх остана до смртта. Се упокои во 1368 година на пат за Серез, одејќи накај српската царица Елена за да бара помош против Турците. Заедно со Игнатиј состави одлично раководење за подвижници. Освен тоа ги напиша и житијата на Св. Григориј Синаит, Св. Теодосиј Трновски, но и многубројни беседи. Интресно е да се спомне дека Св. Максим Капсокаливит му ја прорече смртта на Свети Калист. На патот кон Србија патријархот наврати на Света Гора. Кога го виде, Свети Максим рече: „Овој Старец нема веќе да го види своето стадо, зашто зад него оди надгробно пение: „Блажени се оние што непорочно одат.“
Тропар
Блажен е патот на подвижништвото твое, Калисте преподобен оче, ученик Григориев, миленик на помазаникот, сотрудник Теодосиев, исповедник на вистината од устата Паламова, тебе свет Христов пастиру, молитвата Максимова те испрати со ангелски пој: блажени се непорочните на патот нивни.
Свети Левкиј, епископ Врунтисиополски, во Италија
Роден е во Александрија и рано стапи во манастир. Се удостои со големи откровенија и голема благодат, така што и мртви воскреснуваше и ги изгонуваше демоните од демоноопседнатите. Прво беше епископ во Александрија, но на заповед од небото прејде во Италија, во незнабожечкиот град Врунтисиопол, којшто сиот го покрсти и во кој ? изгради храм на Богородица. После голем и успешен подвиг се пресели во вечноста, во времето на царот Теодосиј II, во 5 век.
Тропар
Пастиру свет Левкие Христов, на тебе се спростре Името кое го објави Духот Божји, и преку тебе крштението ја источи силата своја на оние кои во смртна сенка живееја. Радувај се и за нас моли се, свет исповедниче, бидејќи Црквата благодари и Бога Го прославува преку твоите свети дела.
Блажениот Студиј
Прочуен патрициј и конзул во Цариград. Ги основа црквата и манастирот на Свети Јован Предвесник близу Златните Порти. Манастирот по него е наречен Студитски, а стана славен заради многубројните тамошни славни мажи, духовници, страдалници, од коишто најпознат е Свети Теодор Студит. Латинските крстоносци ја разорија оваа обител во 1204 година, но царот Константин Палеолог Порфиророден ја обнови во 1293 година. На нејзиното место денес се наоѓа турска џамија.