Зошто САД не дозволуваат никој да изврши ревизија на нивните златни резерви
САД не дозволуваат никој да ги види нивните резерви на злато. Дури и ако имате милијарди во злато, за кои трезорот гарантира, со нив не е возможно да тргувате.
На тоа предупредува Ронан Манли, директорот на една компанија за трговија на обични метали.
Тој тврди дека американската влада поседува 8133,5 тони злато во резерви. 58 отсто наводно ги чуваат во Кентаки, 20 отсто во Њујорк, 16 отсто во Денвер, во Колорадо, а 5 отсто ги чува Федералната банка за резерви.
„Целата приказна за златните резерви на злато во САД е тајна. Никогаш не постојат некои независни ревизии на нивните златни резерви, а чуварите на тоа злато, како што се федералните резерви, никогаш нема да дозволат некој да влезе во трезорот и да го преброи тоа злато ако го има“, изјави Манли, пренесува „Раша тудеј“.
Но, и покрај многубројните обвинувања против американскиот трезор дека има многу помалку злато отколку што тврди, постои уште една причина за толкавата мистерија, вели овој експерт. Златото на САД е со лош квалитет.
„Дури и малите количини што спорадично се појавувале, покажуваат дека повеќето златни шипки не се до толку чисти и дека не одговараат на тежината“, вели Манли.
„Дури и ако САД ја имаат количината злато за која тврдат дека ја поседуваат, повеќето од тоа злато не би било прифатливо за тргување на меѓународниот пазар и би можело да се користи во некои манипулативни цели“, додал тој.
Доколку би се докажало дека резервите на злато се помали од претставените, повторно би се создале стравови за светската економија, вели Манли.
Иако не би го погодило директно американскиот долар, последиците од тоа би биле значителни, вели тој.
Прво, ова создава притисок дека е неопходна ревизија на сите резерви на злато што другите држави ги чуваат во САД.
Исто така, се поставува и прашањето за тоа што е со резервите во Русија и Кина, а може да се постави и прашањето која е улогата на злато во меѓународниот монетарен систем, тврди тој.
„Тоа е нешто што американската влада навистина се обидува да го избегне“, вели овој експерт.