Вучиќ: Ова е последно мое предупредување за косовските Албанци
Српскиот премиер Александар Вучиќ на прес конференција кажа декако косовските специјалци сакале да ја минираат пругата и да го уапсат машиновозачот на првиот српски воз кој по 18 години сообраќа на релацијата Белград-Косовска Митровица.
-Изутрина во 8.30 часот за Косовска Митровица од Белград е пуштен воз, повторувам воз, а не тенк или оклопно возило. Патнички воз, кој треба да ги спојува луѓето, градовите, во согласност со принципите на меѓународното право, на законите на сите земји во светот и на стандардите на Европската унија.
-Ние вечерва дознавме дека Албанците, нивните специјални сили се обиделе да минираат дел од пругата. Пуштиле свои единици, само од Албанци составена единица од Лужане. Ги пуштиле и кај Јариње со цел да го сочекаат возот, да го уапсат машиновозачот и патниците. Албанците и без ничие одобрување пуштија 17 блиндирани оклопни возила од типот “кобра“ со свои специјалци на северот на Косово со цел да испровоцираат инцидент. Мојата одлука беше да го запрам возот.
-Ова е мојата последна молба и предупредување до Албанците на Косово и Метохија и моја порака до Србите да останат на своите огништа. Мојата молба до Албанците е да не се обидуваат да го нападнат српскиот народ на Косово и Метохија со оружје, бидејќи Србија тие напади нема да ги дозволи, рече Вучиќ.
Тој кажа дека за денешната ситуација разговарал со Брисел, а допрва ќе ги извести и раководствата на Русија и на Кина. Тој нагласи и дека ќе стапи во контакт со американскиот потпретседател Џозеф Бајден.