Вучиќ наредил армиските сили да се упатат на административната линија со Косово и Метохија (ВИДЕО)
Српскиот претседател и врховен командант на вооружените сили Александар Вучиќ потпиша наредба за подигање на борбената готовност на единиците на српските вооружени сили на највисоко ниво. Тој наредил армиските сили да се упатат на административната линија со Косово и Метохија, дознава „Новости“.
Како што пренесува овој „Новости“, Вучиќ на овој потег се одлучил поради насилството што специјалната полиција на косовскиот премиер Албин Курти го спроведува врз српскиот народ во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Тој, исто така, побара од НАТО итно да престане со насилството врз Србите.
Припадници на косовската полиција попладнево ги опколија зградите на општините во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, по што се вклучија сирените што жителите од тие области ги активираат за да алармираат на опасност.
Сирените за тревога се огласија и во Северна Митровица, а во Лепосавиќ нема сигнал за мобилен телефон, јавува „Косово онлајн“.
Косовската полиција фрли солзавец пред зградата на општина Звечан за да ги растера насобраните Срби. Некои медиуми јавуваат дека во Звечан одекнале три детонации. Се претпоставува дека се работи за шок бомби.