Во Романија извршена првата трансплантација на бели дробови
Во Романија првпат е извршена трансплантација на бели дробови во болница во Букурешт.
– Болницата „Света Марија“ во романскиот главен град денеска ја изврши првата трансплантација на бели дробови во Романија, соопшти претседателот на Националната агенција за трансплантации Раду Дјак.
Органот бил земен од 46-годишен маж со мозочно крвавење, кој бил во состојба на мозочна смрт, а неговото семејство дало согласност за донирање на белите дробови.
Раководител на тимот, кој ја извршил трансплантацијата, е д-р Игор Тудораке, шеф на Центарот за белодробна трансплантација во Хановер, кој синоќа пристигнал со лет од Германија.
Операцијата била извршена од 04.00 до 11.00 часот денеска.
– Пациентот е 37-годишен маж од североисточниот град Јас, добро ја поднел интервенцијата и се следи, изјави директорот на болницата „Света Марија”, Нарчис Копка.
Болницата „Света Марија” е единствената болница в Романија која има дозвола за извршување на трансплантација на бели дробови.
Лекарската установа, под надлежност на градоначалникот на Букурешт, беше предмет на скандал во 2016 година, кога тогашниот министер за здравство, Влад Војкулеску изјави дека акредитацијата била добиена незаконски под политички притисок, а менаџерот Нарчис Копка поднел тужба против него.