Македонија

ВИДЕО: Хајрадини го кажува она што „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ не се охрабруваа да го спомнат

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, на конференцијата „За општество ослободено од корупција“ која ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода истакна дека оние коишто планираат да се занимаваат со борба против корупција треба да имаат предвид две работи:

„Прво не им верувајте дека се борат против корупцијата оние коишто се најгласни, коишто до сега не биле во позиција да бидат корумпирани. Второ кога луѓето сакаат да дискутираат за нешто најчесто имаат проблем да бидат конкретни. Јас, пак цел живот сум имал проблем да не бидам конкретен“, рече Хајредини, алудирајќи на тоа дека се потребни преземање на конкретни чекори во борбата против корупцијата.

Хајредини изрази жалење што премиерот Заев ја напушти конференцијата порано и додаде дека ќе продолжи со своето обраќање онака, како тој да е присутен во салата.

„На една дебата во 2014 година, пред неговото „бомбардирање“, се зборуваше за резултатите од една анкета за перцепцијата на корупцијата. Тогаш Иво Котевски за да докаже дека таа влада се бори против корупцијата, рече дека ние сме осудиле поранешен премиер. Јас бидејќи сум малку стар и не сум стрплив, кога заврши морав да му одговорам. ‘И денешниот премиер, кога ќе биде поранешен ќе биде осуден’. Да се разбереме, Европа од Западно Балканските земји очекува да бидат осудени актуелните функционери. Тоа се уште оди многу слабо.

Премиерот Заев пред повеќе од една година во својот кабинет ги прими претставниците на странските компании Дојче Телеком и Маѓар Телеком. По таа средба Владата излезе со писмено соопштение во кое пишуваше дека средбата на премиерот со актуелните директори и менаџери на овие две фирми поминала одлично. Фирми кои се мајки фирми на нашиот Телеком. Во соопштението се наведуваше дека ќе продолжи искрената соработка со Телеком, исто како и до сега.

Сакам да потенцирам дека никаква искрена соработка претходно Македонија немала со Телеком, туку имала драстично коруптивна соработка. Наместо соопштение во кое ќе пишува за искрена соработка, очекував премиерот да рече, ‘Господа, па кажете кому Вие дадовте пари во Македонија’! Луѓето коишто се осмелија пред њујоршкиот суд да спомнат имиња, граѓанските судови во Скопје, ги осудуваат за клевета затоа што споменатите личности ги тужеле со приватна тужба дека се клеветени. Тоа се случува сега! Јас сум од тие коишто 10-20 години сме се бореле против и не треба да губиме време на тоа како било и што било.

Тоа е првата работа што сакам да ја чуе премиерот. Второ, на денот пред исто така неполни две години. На денот кога се одбележуваше светскиот ден на борба против корупцијата излезе амбасадорот на Америка, Џес Бејли, премиерот Зоран Заев и Али Ахмети како лидер на партија која е коалиционен партнер во Владата. Иако многу од вас знаат ќе ве потсетам што кажа Бејли. ‘Укажувам на тоа да ја гледате корупцијата во редовите на сегашната Влада’, рече Бејли. Ништо од тоа, неговото укажување остана така… Не се сеќавам кој беше одговорот на Заев тогаш, меѓутоа на лидерот на партијата на власт, која била десет години на власт како коалиционен партнер со претходната партија, Али Ахмети излезе и рече дека ги повикува правосудните органи да ги гонат и да ги испитуваат сите членови на мојата партија. Господа така не се бориме против корупција. Органите не одат кај претседателот на партијата или пратеник, тој друго ништо не е во државата. И потоа почнаа неговите апологети да го фалат затоа што тоа било многу голема храброст. До денеска не сме чуле дека некој орган на повик на Али Ахмети отишол да ги испитува неговите членови.

Ноторна корупциска, политичка и економска грешка е господине Заев да продолжиш од буџетот на државата без никаков законски основ да ги плаќаш гласачите на твојот коалиционен партнер. Да им ги праќаш парите дома. Затоа што тие 2000 луѓе на кои секој месец им стигаат пари, не се ни тука, а со себе носат минимум 20.000 гласачи. Тоа е невидена коруптивна дејност!

Понатаму, ние чекаме реформи и корупција. Доколку не се остварат било какви резултати, да се именуваат високи функционери коишто се на власт и се корумпирани, очекувајте дека ќе има жесток отпор за реформите во правосудството, во полицијата и било каде, од страв да не бидат откриени. Шансите на Македонија да почне борба против корупцијата без остварување на овие работи се еднакви на нула“, изјави Харедини упатувајќи жестока критика кон политиките на власта во контекст на борбата против корупцијата.

Маја Ивановска за civilmedia.mk

Поврзани вести

Back to top button