Уредникот на Дневник за драмата во Собранието: Како со Влатко Ѓорчев ги спасувавме пратениците
Немој, застани, не фрлајте, луѓе сме, зар некој треба да загине тука…, зборуваше постојано прексиноќа Влатко Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ додека стоеше пред лидерот на СДСМ Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и други пратеници, кои се засолнуваа во десниот ќош од собранискиот прес-центар пред бесните протестанти, кои сакаа да се пресметаат со нив. Се вртеше лево-десно, креваше раце, ги молеше луѓето да престанат да напаѓаат, пишува уредникот на Дневник.
Ѓорчев беше единствен од пратениците на неговата партија, кој застана пред оваа група пратеници, кои беа нападнати на прес-конференцијата на која го објавуваа изборот на, според нив, новиот претседател на Собранието. Меѓу протестантите и пратениците застана само малку откако се случи првиот излив на насилството и кога најголем дел од нив беа повредени и раскрвавени, но кога масата на луѓе продолжи да навлегува во малата сала само со цел да се пресмета со оние за кои сметаа дека постапија спротивно на интересите на Македонија.
– Тргни се, Влатко, кого браниш, тие ја предадоа Македонија, ние ќе им пресудиме како што им се суди на предавниците. Нив ли најде да ги штитиш? – револтирано му се обраќаа гневните луѓе, во обидите да ги досегнат пратениците.
За среќа, на крајот од изливот на насилството оваа голема група пратеници беше спасена. Имаше повредени, но за среќа, ако може така да се каже, на тоа остана, стои во текстот на Дневник.
Ти ли ќе зборуваш дека нема Македонци
За тоа како се одвивал упадот на граѓаните во зградата на парламентот, по очигледно нерегуларниот избор на Џафери за претседател на Собранието, веќе е добро познато. Најголемиот дел граѓани што во тој момент одржуваа редовна протестна прошетка веднаш се револтираа од веста дека пратеникот на ДУИ е новиот претседател. Анализите на совпаѓањето на времето на неговиот избор и на моментот кога масата на граѓаните е токму пред парламентот сигурно дека ќе треба да покажат дали тоа било сосема случајно? Полицајците што беа пред парламентот немаа сила да ја запрат гневната маса, која навлезе прво во главната собраниска сала, а потоа и секаде по собраниските простории.
– Не ги признаваме одлуките што тука беа донесени и тие немаат никаква правна важност – им порача на граѓаните во преполнетата собраниска сала актерот Владо Јовановски додека со Игор Дурловски стоеше на масата на која претседава претседателот на Собранието.
-Таква слика затекнавме и ние кога како известувачи влеговме во салата исполнета со револтот и еуфоријата на граѓаните, кои речиси два месеца постојано протестираа против правењето на владата што ќе почива на основите на тиранската платформа. Kога излеговме од салата по скалите што водат кон собранискиот прес-центар еден полицаец од собраниските служби го симнуваше својот повреден колега за да му се укаже помош. Предната стаклена врата од холот веќе беше искршена, а малата сала преполна со луѓе. Се гледаше дека група пратеници се истуркани во десниот агол. Десетици гневни граѓани, кои први упаднаа веќе сериозно ги повредија Зоран Заев, Талат Џафери, Дамјан Манчевски, Горан Мисовски, Оливер Спасовски, Максим Димитријевски, Благој Бочварски. Сите беа раскрвавени и со крв на кошулите… Гневен граѓанин ја повлече за коса и Радмила Шекеринска, која падна повредувајќи се, но некако беше изнесена од салата. Kренато македонско знаме се виткаше врз главите на агресивните граѓани, кои навалуваа кон оние за кои сметаа дека извршиле предавство на земјата, фрлаа микрофони, шишиња со вода, столчиња, делови од стативите на телевизиските камери, носеа летви, стапови…, пишува уредникот на весникот.
– Не снимај, не снимај, тргни го телефонот – налутено ми кажа еден од протестантите додека стоев во аголот на салата, пишува уредникот.
Истовремено, забележав како еден граѓанин ~ го одзема мобилниот телефон на колешката Наташа Стојановска и го удира од земјата за да го уништи. Нејзината колешка Душица Мрѓа, пак, доби силен удар по рака, поради што е повредена, стои во текстот.
Во тој период се случи и најкритичниот момент – еден од неколкутемина полицајци што ги бранеа пратениците испука предупредувачки куршум во воздух. Но, и тој не помогна масата да се смири, а неколкумина најбесни тргнаа кон Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, за да се пресметаат со него.
-Ти ли ќе зборуваш дека нема Македонци, ќе го добиеш тоа што го заслужуваш – зборуваа додека прво го зграпчија да го изнесат од групата пратеници за потоа да почнат безмилосно да го удираат.
По многубројните удари пратеникот Села остана да лежи на подот во салата, по што удирањето престана. Во тој момент Влатко Ѓорчев, а потоа и Никола Тодоров помогнаа тој да биде изнесен од салата и да биде префрлен во болницата. Ѓорчев потоа се врати и застана меѓу пратениците и масата, обидувајќи се да ги сопре. Во тој момент, околу 20.30 часот, тој како да виде дека сам нема да успее да ги спаси и почна со очите да бара помош од присутните во салата. Ме здогледа и мене како известувач и веднаш ме повика да застанам покрај него. Набрзо го викна и известувачот на порталот СДK, Горан Трпеноски, за и тој да ни се придружи. Тој, неколкумина полицајци во цивил, неколку членови од здружението на бранители и ние двајца новинари-известувачи ја претставуваме единствената брана за да не се случи нешто полошо.
Тргни се Влатко, тргни се, да им покажеме
-Тргни се Влатко, тргни се, да им покажеме што заслужуваат – постојано му кажуваа граѓани што надоаѓаа во бранови. Еден носеше дебел стап, со кој неколку пати се обидуваше да ги удри пратениците. Шишиња полни со вода постојано летаа, како и делови од собранискиот мебел. Талат Џафери беше во самиот ќош, а Заев во средина со Оливер Спасовски и Максим Димитриевски, Александар Kирацовски, Горан Мисовски, Дамјан Манчевски и други. Не зборуваа многу, само немо гледаа што се случуваше околу нив. Се виде дека некои од пратениците и полицајците во цивил постојано ја држат десната рака позади.
– Немојте, ќе биде полошо, смирете се – постојано им зборувавме на бесните граѓани.
Еден од нив тргна со стапот да удира, се доближи и една постара жена, која почна да ги пцуе, друг се качи на маса држејќи го шишето со вода со очигледна намера да гаѓа. Но, по нашите молби се откажа од намерата.
– Вие ли ќе ми ја уништувате државата. Бегај, Влатко, тргнете се сите што ги браните – гневно викаше еден постар граѓанин.
За 30-40 минути кордонот малку беше зајакнат бидејќи дојдоа уште неколку полицајци во цивилна облека. Но опасноста и околу 21.30 часот уште не беше отстранета. Во тој период пукна и првата шок-бомба, која ја испука полицијата, пред самиот влез во прес-центарот. Проструи и информацијата дека еден граѓанин е повреден од оваа експлозија. Набрзо пукна и друга бомба, а на влезната врата почнаа да се ставаат маси за да се спречи навлегување на масата. Набрзо потоа во салата навлегоа и десетина специјални полицајци во борбена опрема. Тогаш веќе се виде дека ситуацијата полека се смирува. Беше фрлен солзавец за масата уште повеќе да се оддалечи и истовремено сите ние кои бевме во салата тргнавме кон излезот. Сите пратеници на чело со Заев беа евакуирани во канцеларијата што ја користи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, каде што набрзо им беше укажана прва медицинска помош. Потоа сите бевме евакуирани од собраниската зграда околу 23 часот.
ЃОРЧЕВ: МЕ ВОДЕШЕ ЧОВЕЧКА ЖЕЛБА ДА МУ ПОМОГНАМ НА ЧОВЕКОТ
– Ме водеше желбата како човек да му помогнам на човекот, како колега на колега во една таква сериозна ситуација. Бев во мојата канцеларија кога слушнав викање и удари. Излегов и видов што се случува и не можев да не се вмешам. Прво не ми дозволуваа да се доближам, а потоа успеав. Во првите пет минути бев сам и со очите барав луѓе што ќе можат да ми помогнат да направиме кордон. Ве видов и вас новинарите, го видов поранешниот голман Антонио Филевски и ве повикав. Добро е што успеваме да спречиме да не се случи поголема трагедија. Искрено жалам за сите повредени граѓани, пратеници и полицајци, изјави за Дневник Влатко Ѓорчев.
ИНЦИДЕНТОТ ПОЧНА КОГА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ЗАЕВ ВПЕРИ ОРУЖЈЕ ВО НАРОДОТ
Во медиумите вчера се појави и фотографија од која јасно се гледа како член на личното обезбедување на функционерите на СДСМ, Зоран Заев и Оливер Спасовски го извадил пиштол и го вперил кон граѓаните кои оделе кон салата. Тој потег, според наводите во медиумите, предизвикал бесот на граѓаните уште повеќе да биде зголемен. Засега нема информации како одредени лица што се ставиле во заштита на пратениците на СДСМ, според очевидци, воопшто можеле да внесат огнено оружје во Собранието кога тоа е строго забрането.
БЛАГОДАРНОСТ ОД ЗАЕВ
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера јавно му се заблагодари на Влатко Ѓорчев за заштитата која му ја пружил.
– Му изразувам јавна почит на пратеникот Влатко Ѓорчев што стоеше рамо до рамо со нас. Тоа е за респект и го почитувам – рече Заев