Свет

ЦИА потврди: Исламската држава произведува и употребува хемиско оружје

Исламската држава веќе неколку пати употребила хемиско оружје, а може и истото да го произведува, изјави директорот на американска ЦИА, Џон Бренан.

„Одредени групации на Исламската држава користат хемиско оружје на боиштето“, изјави Бренан во интервју за “CBS”.

Бренан додаде дека „ЦИА верува дека Исламската држава има капацитети да произведе мали количини на иперит“. На прашањето дали тие можат да извезуваат хемиски супстанции за користење надвор од Сирија и Ирак, Бренан одговори дека тоа сценарио било возможно – „Затоа е важно да се „пресечат“ патиштата и каналите кои џихадистите ги користат за снабдување“.

Координаторот на американските разузнавачки служби, Џејмс Клапер истакна дека „Исламската држава користи токсични материи во Сирија и Ирак“, претежно гасот иперит.

Американските власти и претходно предупредија дека Исламската држава користи варијации на иперит, боен отров на база на сумпор кој прв пат бил користен во Првата светска војна.

Американците се уверени дека Исламската држава нема пронајдено или пак се има снабдено со иперит од некаде, туку дека самата го произведува во специјални ќелии задолжени за негово создавање.

„Заклучивме дека имаат мала ќелија задолжена за истражување и развој и унапредување на овој отров“, изјави неиуменуван висок функционер во ЦИА додавајќи дека иперитот е изработен во лаборатории со лоши услови, а рецептите за изработка се лесно достапни и иперитот не е претерано комплексна хемикалија.

Поврзани вести

Back to top button