Свет

Цел свет застанал во одбрана на 19-годишната Нура, која е осудена на бесење: Била жртва на договорен брак, а сопругот ја силувал пред семејството

Петицијата на сајтот “Change.org” за спасување на животот на Нура досега собрала повеќе од 1,1 милиони потписи.

Долго целиот свет не застанал толку гласно во одбрана на еден човек, како што сега станал да се избори за животот на 19-годишната Нура Хусеин од Судан. Познати личности, актери, манекенки, жени, мажи, луѓе од развиените земји, но и оние од земјите на таканаречениот трет свет…Сите се противат на одлуката на судот да ја обеси оваа девојка.

“Јас, Наоми Кемпбел, ја повикувам суданската влада да ја помилува жртвата на силување Нура Хусеин и да му покаже на светот дека жените кои се брутално силувани, се всушност најголемите жртви”, напишала манекенката под фотографијата во која бара “Правда за Нура”.

Таа меѓу првите, заедно со актерката Ема Вотсон, ја започнала интернет кампањата за спасување на суданската тинејџерка.

Адвокатите кои ја бранат Нура рекле дека денес поднеле жалба на одлуката на суданскиот суд.

Случајот предизвикал и осуда од ОН и меѓународните групи за човекови права, кои за Нура Хусеин наведуваат дека како дете била принудена на брат и дека постапувала во самоодбрана.

“Нека се знае, тука и денес, дека Нура била жртва на детски брак, принуден брак, силување и ускратување на правда. Нура, како и сите жени и девојки во Судан, пречесто се третираат како подвижен имот со кој се тргува”, соопштил нејзиниот адвокат.

Петицијата на сајтот “Change.org” досега собрала повеќе од 1.1 милиони потписи.

За Нура пеколот започнал кога наполнила 16 години. Нејзиниот татко се обидувал да ја принуди да се омажи за човек кој не го сакала, ниту го познавала. Бидејќи тој не се откажувал од тоа што го наумил, Нура побегнала од дома кај својата тетка, на речиси 250 километри подалеку од родниот град.

Живеела таму со роднините три години, додека нејзиниот татко не ја повикал да се врати, велејќи и дека венчавката е откажана и дека не мора да се грижи за тоа.

Прифатила, но кога се вратила, сфатила дека нејзиниот татко ја измамил и дека венчавката не е откажана. Кратко по нејзиното враќање, била предадена на сопругот кој не го одбрала сама, ниту го сакала.

Како што и самата рекла на судењето, кога ја принудиле на брак, првиот ден одбила да има сексуални односи со мажот. Петтиот ден ја силувал.

Силувањето не било најстрашно во целата приказна. Грозниот чин го направил со помош на своите браќа, кои ја држеле девојката на земја додека сопругот се изживувал над неа.

Следниот ден, кога се обидел да го повтори силувањето, го забодела со нож и го убила. Кога му кажала на своето семејство што се случило, нејзиниот татко ја одвел во полиција и се откажал од неа.

Тоа се случило на 3. мај минатата година, а Нура од тогаш е во затвор. Била сама и при изрекувањето на пресудата.

Судан не забранува брак со дете ниту предвидува казна за силување на брачен партнер.

Поврзани вести

Back to top button