Татко во Скопје, ја малтретирал 14-годишната ќерка, ја тепал со ремен, се обидел да ја прободе со нож
Татко во Скопје доби кривична пријава бидејќи ја малтретирал 14-годишната ќерка. Тој ја тепал со ремен, се обидел да ја прободе со нож, ја оставал без храна и хигиена, соопштуваат од Обвинителството.
– Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 45-годишен државјанин на Босна и Херцеговина со привремен престој во Скопје за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело запуштање и малтретирање дете
Во периодот од септември 2022 до 28 март годинава, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, осомничениот ја запуштил и ја малтретирал сопствената ќерка. Како татко и единствен родител со кој живеело детето родено во 2008 година, тој редовно патувајќи во странство, ја оставал својата ќерка сама, без соодветна родителска грижа и без обезбедена храна и хигиена во домот.
Кога ќе се врател од своите патувања, тој вршел психичко и физичко насилство врз детето користејќи ремен и удирање како средство за нејзино воспитување, а во една ситуација се обидел да ја прободе и со нож. Осомничениот ја вработил 14-годишната ќерка во слаткарница за време на викенди, а остварениот приход ѝ го земал за да ги надомести сопствените долгови.
На 22 март девојчето се разболело, било само дома и не отишло на училиште, а осомничениот ѝ се јавил од странство и ѝ се заканил дека кога ќе се врати ќе ја претепа затоа што отсуствува. Ваквото однесување кај жртвата предизвикало постојан страв и стрес, како и чувство на напуштеност и на отсуство на родителска грижа, информираат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности укажуваат на тоа дека ќе ја попречува кривичната постапка, за осомничениот е побарано притвор.