РелигијаТоп

Светите маченици Трофим, Саватиј и Доримедонт: Татковина, слава и богатство им бил Христос, Синот Божји – нивните души царуваат на небесата

Светите маченици Трофим, Саватиј и Доримедонт

Во времето на царот Пров, во 3 век, кога во Антиохија началствуваше некој Атик, дојдоа во Антиохија двајца христијани, Трофим и Саватиј, обајцата угледни и чесни граѓани. Но, се случи токму во тоа време скверното празнување и жртвопринесување на Аполон во Дафна кај Антиохија. Атик особено се грижеше сите граѓани да земат учество во тоа празнување. Па, бидејќи некои ги видоа Трофим и Саватиј, му јавија на Атик дека овие туѓинци не земаат учество во нивниот празник. Атик ги даде на суд, па бидејќи не се одрекоа од Христа, еден по еден ги подложи на маки. Откако ги изби и ги намачи, Трофима го испрати во Фригија кај некој Дионисиј, уште полут мачител на христијаните, а самиот го изведе од затворот Саватиј и почна да го суди.

Кога мачителот го запраша Саватиј кој е и каков чин има, тој му одговори: „Мојот чин и моето достоинство, и татковина, и слава, и богатство мое е Христос, Синот Божји, секогаш жив, врз Чија Промисла вселената стои и се управува.“ За ова го биеја и го растргнуваа, го стружеа со железо, додека не му излегоа коските од под месото. Во тие маки и издивна.

А Трофим, мачителот Дионисиј го подложи на големи маки и го држеше во затвор за уште поголеми. Тогаш кај Трофим во затворот дојде и му служеше некој сенатор Доримедонт, потаен христијанин. Кога дозна за ова, мачителот почна да ги мачи двајцата и најпосле ги фрли пред ѕверови. Но, ѕверовите не ги ни допреа. Свети Доримедонт намерно ја дразнеше мечката влечејќи ја за уши за да го растргне, но при сето тоа мечката му се умилкуваше. На крајот, мачителот нареди та светите Трофим и Доримедонт ги убија со меч.

Душите на овие маченици царуваат на небесата.

Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски

Гонет од своите роднини, го напушти светот и се замонаши. Киевјаните, незадоволни од династијата Олгович, на која и припаѓаше и Игор, посакаа да ја истребат. Јурнаа на манастирот, го фатија младиот и невин схимник додека се молеше пред Богородичната икона (потоа според него наречена Игорова) и го убија. За ова злосторство многу беди ги снајдоа киевјаните. А на гробот на блажениот видоа свеќи коишто се запалија сами од себе, и тоа неколкупати. Над црквата каде што беше погребан се гледаше огнен столб. Ова се случи во 1147 година.

Светиот маченик Зосим Пустиник

Еден киликиски кнез Дометијан одеше на лов во планините заедно со неговите слуги. Во планината виде еден стар човек опкружен со ѕверови, кротки како јагниња. Кога го праша кој е и што е, старецот одговори дека името му е Зосим, дека е христијанин и дека одамна живее со ѕверовите, коишто се подобри од мачителите на христијаните по градовите. Тоа го навреди Дометијан, кој и самиот беше лут мачител на христијаните, па зеде и го окова Зосим и го испрати пред себеси во Назарет, каде сакаше посебно да го мачи, за да ги заплаши оние што веруваат во Христа. И кога сиот го направи рани и го раскрвави од удари, му врза на вратот камен и го подигна на едно дрво. Па му се подбиваше кнезот: „Заповедај да дојде еден ѕвер, па и ние сите да поверуваме!“ Светиот маченик Му се помоли на Бога и навистина се појави еден огромен лав, којшто му пријде на Зосим и ја положи главата своја под каменот за да му олесни на маченикот. Во голем страв кнезот го одврза Зосима, но овој набрзо го предаде својот дух во рацете на својот Господ.

Свети Теодор, кнез Јарославски

Праведен и милостив, пред смртта прими монашка схима и се упокои во 1298 година.

Поврзани вести

Back to top button