РелигијаТоп

Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски

Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски

Кога блажениот патријарх Александар лежеше на смртна постела, ужалените верни го прашуваа кого го остава зад себе за архипастир на словесното стадо Христово. Болниот патријарх им рече: „Ако сакате да имате патријарх којшто ќе ве учи и ќе ви блеска со добродетел, изберете го Павле, а ако сакате да имате само убав човек и однадвор украсен, изберете го Македониј“. Народот го избра Павле. Но ова не им беше право на аријанските еретици ниту на царот Констанциј, којшто во тоа време беше во Антиохија. И наскоро го симнаа Павле и тој заедно со Св. Атанасиј Велики побегна во Рим, каде што обајцата беа убаво примени од папата Јулиј и од царот Констанс, коишто ги поддржаа во нивната православна вера. На писмо од царот Констанс и папата Јулиј, Павле го вратија на престолот, но кога умре овој цар аријанците кренаа глава и го протераа православниот патријарх во Кукуз во Ерменија. Во прогонство Св. Павле еднаш служејќи литургија беше нападнат од аријанците и удавен со омофорот, во 351 година. Во времето на царот Теодосиј неговите мошти во 381 година беа пренесени во Цариград, а во 1236 година во Венеција, каде што се наоѓаат и денес. Неговите омилени клирици и секретари Маркијан и Мартириј пострадаа наскоро после својот патријарх (под 25 октомври).

Тропар
Со исповедувањето на божествената вера, Црквата те покажа како втор Павле, ревнител меѓу свештениците: со тебе повикува и Авел кон Господа, и Захариевата крв праведна. Отче преподобен, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема.

Преподобен Варлам Хутински

Роден е и воспитан како христијанин во големиот Новгород. По смртта на родителите се замонаши и се предаде на тежок подвиг. Основа манастир на брегот на реката Волхова, на местото каде што му се покажа небесна светлина. Беше голем чудотворец за време на животот и после смртта, проѕираше во човечките тајни, изгонуваше нечисти духови и ги лечеше болестите кај луѓето. Слугата на кнезот Василиј Василевич беше тешко болен, па замоли да го однесат на гробот на Св. Варлам. Уште побара ако умре по патот, мртов да го однесат кај светителот. Така и се случи. Тој умре по пат и го однесоа мртов во манастирот, но таму оживе и стана и му се поклони на гробот на светителот. Во 1471 годна царот Иван Грозни нареди да го откопаат гробот на Св. Варлам. Штотуку почнаа да откопуваат се крена пламен од гробот. Царот толку се исплаши што побегна од црквата и во брзањето си го заборави стапот, којшто до ден денес се чува крај гробот на светителот. Во спомен на ова чудо Св. Варлам се празнува уште еднаш во петок после Неделата на Сите Светии.

Тропар
О Варлааме, Божји угодниче, о смирение кое Господа Го умилостивува, застапи се за нас, свет подвижниче, пред Оној Кој укорува но на смрт не предава. Затоа што миленик Негов постана, кој од пелена до гробна долина подвиг сотвори и на Христа послужи, во слава на љубовта.

Поврзани вести

Back to top button