Топ

Суеверијата немаат никаква врска со христијанството

Дали во чествувањето на христијанските празници повеќе е вклучена традицијата преку практикување разни суеверија или, пак, е чествување во согласност со црковните правила? Оваа дилема постојано е присутна меѓу верниците, особено во периодите на зачестени верски празници, како што се месеците до крајот на годинава, кога претстојат многу празници што се прославуваат како домашни слави или имендени. Честопати меѓу луѓето може да се слушнат разни толкувања врзани за одреден празник, кои низ годините прераснале во некакви традиции, а во суштина се дел од некакви суеверни верувања. Не се ретки ни случаите кога спроти некој празник луѓето зборуваат дека нешто треба да се прави или, пак, да не се прави, затоа што тоа ќе донесело среќа или несреќа цела година. Слична е и состојбата со празнувањето на Задушница и обичајот на гробовите да се преспива и раздава храна за починатите, нешто што не е востановено според црковните правила, пишува Нова Македонија.

Верниците велат дека многу често и во медиумите пред некој празник може да прочитаат препораки што треба да прават пред и за време на празникот. Најчесто велат дека тоа се некои верувања што ги слушнале од своите баби и дедовци, кои се пренесуваат од колено на колено, но не знаат дали имаат врска со вистинското проповедање на православната вера.

– Сме слушнале за верување дека спроти Митровден секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи. Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, особено на поле, и другите обврски што се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој миг да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека е лоша среќа ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. Се верувало дека за Митровден ќе се претскаже каква ќе била зимата – посочуваат верниците.
Свештениците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија последните години, и јавно но и преку социјалните медиуми, постојано апелираат на христијанско и црковно чествување на празниците, со искоренување на суеверните верувања, бидејќи тие немаат никаква врска со христијанството.

– Верниците треба за сите дилеми во врска со прославувањето на славите или имендените да се консултираат со свештени лице од најблиската црква. Така ќе ги искоренат сите дилеми што ги слушаат за прославувањето на одреден празник – посочува свештенството.

Оваа тема ќе биде актуелна и за време на божиќните денови, особено пред Бадник, со палењето на огновите, обичај што последните години МПЦ се обидува да го потисне или, пак, да му даде некаква црковна форма, наспроти практиката тоа да биде настан што ги нарушува и постот и чествувањето на Божиќ.

Професорот по социологија Зоран Матевски вели дека голем дел верници, особено православните, кои во исто време се декларираат како религиозни, но и се суеверни, се потврда на тоа дека најголем процент од верниците се традиционален тип верници.
– Тие веруваат и во бог и во задгробен живот, во воскреснување на мртвите, но веруваат во магија и во магиски дејства, кои се поврзани со паганските обичаи. Тоа е испреплетување на магиското и религиозното и е доказ дека тие традиционални верници не се доволно верски едуцирани – посочува професорот Матевски.

Експертите сметаат дека токму оние што веруваат во суеверија а се декларираат како верници и посетуваат верски објекти се феномен на традиционални верници, кои својата вероисповед ја декларираат по линија на традиционална припадност, но во суштина многу малку од нив ја практикуваат својата вера. Оттука, за експертите не е невообичаено што истражувањата покажуваат висок процент декларирани традиционални верници, а во практиката мал процент познавачи на верата. Велат дека една од причините за тоа треба да се бара и кај свештениците, кои многу малку учествуваат во едукацијата на верниците.

Две третини од Македонците се суеверни

Инаку, последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека македонските граѓани, и покрај тоа што себеси се декларираат како верници, во голема мера се подложни на суеверие. Речиси две третини од населението во Македонија се суеверни. Дури 57 отсто од граѓаните со православна вероисповед во земјава практикуваат некаков вид суеверие, додека девет од 10 муслимани за себе рекле дека се суеверни. Истражувањето покажува и дека Македонија генерално е религиозна држава, и тоа важи како за христијаните, така и за верниците што се припадници на исламската религија.

[email protected] за Нова Македонија

Поврзани вести

Back to top button