Северна Кореја: САД скапо ќе платат ако не стават на црна листа
Северна Кореја денеска ги предупредија САД дека „скапо ќе платат“ ако земјата ја стават на листата држави кои поддржуваат тероризам, откако осомничениот за убиството на полубратот на севернокорејскиот лидер изјавија дека е жртва на завера.
– САД ќе сфатат колку скапо ќе мора да ги платат своите неосновани обвиненија против достоинствената Северна Кореја ако ја стават на листата земји кои поддржуваат тероризам, соопшти севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Исто така се наведува и дека Пјонгјанг е против „сите облици на тероризам“ и ги обвини САД оти се обидуваат да го извалкаат угледот на Северна Кореја.
Полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам (45) е убиен минатиот месец на аеродром во Малезија со силен нервен отров ВХ, по што беше покрената меѓународна истрага.
Јужна Кореја за убиството го обвини Пјонгјанг, тврдејќи дека Ким Џонг-ун наредил елиминација на неговиот полубрат.
Јужнокорејски и јапонски медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори објавија дека по убиството на Ким Џонг-нам САД ја разгледуваат можноста да ја вратат Северна Кореја на листата земји кои поддржуваат тероризам, каде се наоѓаат Иран и Сирија.