Сашо Гилевски Качо еден од хероите од војната 2001 – На раце ќе ги носам другарите до Тетово, ама не ги оставам тука да ги јадат животните
Сашо Гилевски – „Качо“ е уште еден херој од војната 2001… Еден од оние кои ги извлекувале јагленосаните тела на неговите другари и соборци по масакрот во Вејце. На сликава лево, тој е фотографиран пред селото Бродец на 28 април 2001 година, само неколку часа пред да се случи грозоморниот колеж.
„Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола за достојно да бидат погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат“, се сеќава Гилевски.
Потоа, тој учествувал и во славната битка кај Радуша, каде македонските бранители ја извојуваа можеби најзначајната победа во војната.
„Не постои ништо што може да ми ги избрише сликите од Вејце и од Радуша. Длабоко во мене се уште ми е мачнината од Вејце, кога си ги видов измасакрирани другарите и кога прстите ми пропаѓаа во нивните јагленосани тела, додека ги качувавме во возилата. Кога Вејце понекогаш ќе ме остави на раат да отспијам малку, тука е Радуша да ме стресе и да ме потсети на 40-часовните рафали врз нас“.
Полицаецот Саше Гилевски од Битола вака го почнува своето сеќавање на 2001., неможејќи да избега од она што им се случувало на бранителите. Уште долго потоа работел во МВР, а бил и претседател на битолскиот полициски огранок на здружението „Достоинство“.
Гилевски, меѓу колегите и другарите познат како Качо, учествуваше во конфликтот во 2001. како командир на вод во битолската посебна полициска единица. Тој е првиот македонски бранител кој пристигнал заедно со своите колеги, со „Волците” и со „Тигрите” на местото на масакрот кај Вејце, 2001. За него Вејце е најужасната работа што му се случила во животот, а по неа се борбите кај Радуша. Качо е силен грамаден полицаец. Кај него не може да се види нималку страв. Ама, вели, очите го издаваат, во нив му се сликите од загинатите другари.
„Во МВР сум од 1992 година. Уште од првата година сум припадник на битолската полициска посебна единица. Во конфликтната 2001 бев вклучен од самиот почеток, од случувањата во Танушевци, кога на трети март 2001 бевме мобилизирани. Патролиравме 14 дена по целата околина на Танушевци, а потоа, во координација со ‘Тигрите’ имавме организирани упади во потрага по униформирани припадници на УЧК. Во април бевме преместени во Тетово каде што ја заменивме прилепската посебна единица. Патролиравме низ тетовските села, во координација со армиските ‘Волци’. Немавме командир на единицата туку јас и уште еден друг командир на вод ја водевме целата единица“, се сеќава Саше. И тамам помислиле дека се’ брзо ќе се среди, дека конфликтот ќе помине само со дотогашните ситни инциденти, се случи масакрот кај Вејце, кога беа убиени, измасакрирани и запалени осуммина македонски бранители.
На 28 април 2001 патролите од тетовската касарна ги добиле задачите која каде ќе оди. Едната патрола требало да патролира од 10 до 15 часот од Бродец до Шипковица, а втората патрола на релација Селце – Вејце од 17 до 20 часот. Утрото добиле информација дека некој рибар тоа утро пријавил оти видел 20-ина припадници на ОНА над Бродец.
„Јас со уште седум мои полицајци и командирот на ‘Волците’ со седум негови специјалци околу 10 часот се упативме кон Бродец. Го проверивме селото, дури и зборувавме со мештаните дали некој ги малтретира, дали имаат некоја мака. Се’ беше најнормално, дури бевме и во две чајџилници и најнормално разговаравме со луѓето. Особено прецизно го проверивме делот над Бродец каде што рибарот, наводно, видел униформирани лица. Немаше никакви траги. Се беше во ред и отидовме и до Шипковица. И таму се’ изгледаше најнормално, па некаде по 15 часот се вративме во касарната во Тетово каде што бевме позиционирани“, раскажува Саше.
Во касарната ги наполниле возилата со гориво за да бидат подготвени за следната патрола која оди кон Селце и Вејце. Во 17 часот патролата тргнала. Во првото возило биле „Волците“, во второто полицајците од посебната единица, во третото пак „Волци” и во последното полицајци.
„Замина патролата. Во 17.45 добивме повик од полицаецот Илче дека се нападнати меѓу Селце и Вејце. Веста за нападот ме затече на јадење. Оставив се’, го ставив панцирот, го зедов автоматот и веднаш ја активирав единицата. За пет минути бевме спремни за тргнување. Кога излеговме во дворот на касарната, ‘Волците’ беа веќе тргнати пред нас. Постојано на линија бевме со командирот на ‘Волците’. Тие ја фатија горната позиција од кај сртот на планината, а ние од долната страна од кај длабината. Додека одевме кон местото на нападот, им јавивме и на ‘Тигрите’ и на околу 500 метри пред местото на крвавиот настан стасавме заедно со нив. Претпазливо се приближувавме кон местото бидејќи не знаевме што навистина се случува таму. Имавме само штури информации дека има ранети и ништо повеќе. Јас и уште еден колега одевме први. Кога наближивме до местото, прво што видовме беше нашата полициска ‘лада нива’. Дојдовме до неа. Таа беше издупчена целата. Баравме ранети колеги да им помогнеме. Продолживме повнатре, кон свијокот каде што беа другите возила“, со мачнина раскажува Саше, чкрипејќи со забите и стегајќи ги тупаниците од лутина и бес.
„Следната глетка беше ужасна. Возилата се’ уште гореа, а насекаде се ширеше неподнослива смрдеа од изгореното. Кога влеговме во засекот каде што беше извршена заседата, ги видовме трите возила. Цело време бевме на штрек. Полека дојдов до второто возило каде што беше сега починатиот Илче од селото Породин. Беше под „хамерот“ и само нозете му се гледаа. Го фатив да го повлечам, да го извадам, надевајќи се дека е жив. Кога го извлеков, видов дека еден дел од неговото тело му го нема. Наеднаш исповратив. Брзо се созедов и, полн со бес и гнев, гледав каде да го допрам да му го опипам пулсот. За жал, беше мртов. Едвај се созедов.
Тогаш забележав неколкумина од „Волците“ кои се собраа кај второто возило и отидов и јас таму. Тоа беше возилото на полицајците. Имаше тројца полицајци на земја. Двајца беа блиску еден до друг, а третиот малку понастрана. Беа целосно изгорени. Ништо не им се познаваше на нив, ни лицата. Уште гореа и тлееја. Од оклопното возило со кое дојдоа ‘Тигрите’, извадивме противпожарни апарати за да гасиме. Почнавме да ги проверуваме и полицајците и ‘Волците’ дали има некој жив. Беше ужасно. Беа изгорени, измасакрирани. Се гледаше дека беа бодени по главите, им беа гмечени лицата како sверови да ги нападнале. Целото место смрдеше на изгорено месо. Таква слика не се опишува.
Тогаш ги паркиравме возилата за да ги качиме нашите мртви другари. Не знаете каков гнев имаше кај сите нас тогаш. Бевме бесни како никогаш дотогаш. Слушнавме рафали кон селото Вејце. Веднаш му се јавив на колегата од „Волците“ и тој ми кажа дека од висината на која беа тие забележале униформирана група и запукале по неа“, се обидува Саше да најде зборови да го опише, како што вели, тоа што не се опишува зашто само душата му знае што видел таму и како му било да си ги гледа другарите sверски измасакрирани.
„Веќе фати мрак. Имаше уште четворица мртви колеги. Не можевме да ги препознаеме. Знаев кои се осумтемина колеги во патролата, ама кои се тие последните четворица кои ни останаа да ги качиме, не знаев кои се. Беа гламјосани. Се сеќавам дека едно само кажав тогаш: „На раце ќе ги носам другарите до Тетово, ама не ги оставам тука да ги јадат животните“
Кревањето на загинатите другари за Саше и за неговите колеги бранители било најтешко. Се чадело околу нив, смрдеа ги дамлосувала, а над глава им висела опасноста дека sверовите кои им ги измасакрирале колегите можат да запукаат секој момент и по нив.
„Тогаш ни беше најтешко. Се распаѓаа телата на загинатите. На еден, кутриот, кога го кренавме, му отпадна ногата. А бе, што sверови ќе беа тие што им го направија тоа. Додека кревавме, утробата ми се превртуваше, што од ужасната глетка што од бес поради мртвите колеги. Како ќе го фатевме некое тело да го кренеме, а тоа жешко, тлее, прстите ти се пикаат внатре во гламјосаното месо. Рацете како веќе да не ги чувствував. На прстите снемав осет. Нешто после 20 часот ги товаривме и тргнавме. Таму беа телата на нашите колеги.
Дури отпосле ми идеше мислата како ќе си идам дома во Битола, па тоа ми се колеги, другари, а едниот од нив Марјан ми е прв комшија во мојата зграда во Битола живее. Се слушнавме со мајка ми да и’ кажам што ќе слушне на вести и да и’ кажам дека јас сум жив, а таа испаничена ми вели: ‘Навистина ли си жив, синко’. Како да не веруваше дека разговара со мене“, раскажува Саше и ги мести рацете како да ги крева мртвите другари. Му се враќа сликата од Вејце, од гарежот, од масакрот.
Гилевски се сомнева дека неговите колеги биле наместени, ама е гневен што тоа не може да го потврди, да докаже, може само да се сомнева.
„Имав силно чувство дека сме наместени. Јас дента бев со првата патрола и можеше и мене да ми се случи истото. Кога тргнаа возилата со загинатите кон Скопје за на Судска медицина, на мене беше да ги смирам колегите кои беа гневни и сакаа одмазда. Едвај ги смиривме и кон четири утрото беа во кревет. Тогаш останав сам буден. Тогаш ми пукна се’. Признавам – се изнаплакав, испуштив од мене да излезе се’ што дента ми ја исцрни душата“.
Следното утро, нова мака за бранителите. Требало да се товари опремата на загинатите другари. Во ранците имало само малку алишта, а на полицајците и на „Волците” тие торби од загинатите колеги им се виделе како да се нешто најтешко на светот.
„Никој не може да ми ја избрише сликата од тоа што го видов кај Вејце, како што никој не може да им ги врати синовите на родителите. Имам трауми, не се видливи, ама длабоко во мене уште тлеат телата на другарите. Првите две години по настанот не можев да спијам. Се будев со скокање на секој саат и палев цигара. Кошмари, потења, мирисот од Вејце се’ уште ми е во носот. Два месеца по Вејце паузиравме, и пак не активираа. Не можам да тврдам дека бевме предадени кај Вејце, ама тоа ни го рушеше моралот, а за тие деца по 20-ина години бев спремен да гинам. Ама пак после отидовме на терен“, вели Гилевски. Кога се вративме од Вејце, Битола почна да гори. Битолчани сакаа одмазда.
„Ниеден од моите колеги не учествуваше во палењето оти знаевме дека тоа нема да ни ги врати колегите. Јас до ден-денес велам, да знам кој ми ги намести колегите, ако ги наместија, ќе му вратам со оружје, па и затвор да лежам не се жалам. Мене тоа Вејце ми го смени животот, внатре душата ме боли.“