„Пуцко петрол“ ќе добие два и пол милиони евра за неизградената бензинска
Компанијата, која е во сопственост на семејството на пратеникот на ДУИ од Пласница, Исмаил Јахоски, ги тужеше општината и државата поради тоа што купила земјиште со намена за изградба на бензиска станица, но не успеа да ја изгради бидејќи урбанистичкиот план за тој дел од Карпош беше поништен, а не биле исполнети ниту критериумите за безбедност, пишува ФОКУС.
Според „Фокус“, пресудата покажува дека скопска Апелација ја потврдува првостепената пресуда – нафтената компанија, која формално се води како сопственост на Асмир Јахоски, синот на пратеникот Исмаил, треба да ги добие назад парите платени за градежното земјиште, сосе данок на промет.
Воедно, второстепениот суд го потврдува и делот од првостепената пресуда дека на нафтената компанија треба да и се исплатат 110 илјади евра по основ на надомест на штета за раскинување на овој договор, но не ја потврдува пресудата во делот за исплата на 6,4 милиони евра по основ на таканаречена испуштена корист.
Односно, апелација го преиначува овој дел од пресудата на понискиот суд, одлучувајќи државата и општината на компанијата да и исплатат 1,76 милиони евра по основ на испуштена корист, со камата од 8 наместо од 10 проценти, додека поголемото тужбено барање со разлика од 4,6 милиони евра се отфрла како неосновано.
„Поголемото барање тужените солидарно да му ја надоместат на тужителот штетата по основ на испуштена корист во износ од 285.718.222 денари за уште 14 години и 6 месеци, односно за разликата од досудениот износ од 108.375,878 денари до побараниот износ од 394.094.100 денари, овој суд го одби како неосновано бидејќи доколку се тргне од фактот дека изгубената добивка треба да биде разумна и објективна, периодот од 20 години е предолг, неразумен и необјективен“, стои во пресудата.
„Пуцко Петрол“ на јавна лицитација одржана во 2016 година, за околу два и пол милиони евра го купи плацот на локацијата кај хотелот „Александар Палас“ и салата „Борис Трајковски“. Тогаш на сила беше ДУП со кој таму се предвидуваше изградба на помала бензинска станица, со две пумпи за точење горива.
Јахоски земјиштето го купи во времето на претходниот градоначалнички мандат на Стевче Јакимовски, но по промената на локалната власт, кога за градоначалник во 2017 година беше избран Стефан Богоев, Уставниот суд го укина овој ДУП, бидејќи бил донесен во незаконска постапка.