Преподобен Киријак Отшелник
Роден е во Коринт од родителите Јован и Евдокија. Татко му беше презвитер, а месниот епископ Петар му беше роднина. Во раната младост епископот го постави за чтец на соборната црква. Читајќи го Светото Писмо младиот Киријак ? се восхитуваше на Божјата Промисла којашто ги прослави сите вистински слуги на живиот Бог и го устрои спасението на човечкиот род. Во неговата осумнаесетта година желбата за духовен живот го одведе во Ерусалим. Таму тој стапи во манастирот на некој Божји човек Евсторгиј, којшто му даде почетни упатства за монашки живот. Потоа отиде кај Св. Ефтимиј, кој го проѕре како иден духовен великан, го облече во схима и го прати на Јордан кај Св. Герасим, каде што Св. Киријак помина девет години. По смртта на Св. Герасим повторно се врати во манастирот на Св. Ефтимиј, во кој остана во безмолвие десет години. Потоа постојано го менуваше местото на подвигот, бегајќи од човечка слава. Се подвизуваше и во обителта на Св. Харитон, каде што најпосле и го заврши својот пат на земјата, а наврши сто и девет години. Прославениот подвижник и чудотворец Св. Киријак беше крупен и силен во телото и таков остана до длабока старост и покрај тешкиот пост и бдеењето. Во пустината понекогаш со години се хранеше само со сурово зелје. Ревнуваше многу за православната вера изобличувајќи ги ересите, особено Оригеновата ерес. За себе зборуваше дека како монах сонцето никогаш не го видело да јаде ниту да се гневи на некого. Според уставот на Св. Киријак монасите јадеа само еднаш дневно, и тоа после залезот на сонцето. Беше големо светило, столб на Православието, гордост на монасите, моќен исцелител на болните и благ утешител на тажните. Во полза на мнозина поживеа долго и се пресели во вечната радост на својот Господ во 557 година.
Тропар
Имајќи Го секогаш Христа во мислите, умот се озари, срцето се очисти, душата се излечи о, свети оче Киријаче, Спасителот години ти умножи, крепост да бидеш за сите верни кои кон Него итаат преку пустината на овој живот, моли се за нас ти, оче преподобен, благодатта душа да излечи и таква пред Бога да се претстави.
Светите маченици Дада и Говделај
Дада беше персиски големец и роднина на царот Сапор. Говделај беше син на тој цар. Кога Св. Дада јавно ја исповеда својата вера во Христа, царот Сапор нареди и го мачеа со лути маки. Но при овие маки Свети Дада изврши големи чуда со Христовото име, што остави голем впечаток на царевиот син Говделај, па и тој поверува во Христа. Незнабожниот цар не го поштеди ни својот син, туку и него го удри на тешки маки. И Дада и Говделај Го прославија Бога со истрајно трпење и со многубројни чуда и во маки Му ги предадоа своите души Нему. Пострадаа во 4 век. Со нив пострадаа зашто поверуваа во Христа Каздоја, сестрата на Говделај и главниот жрец Гаргал.
Тропар
Нека Господ нe прими во радоста ваша, о славни маченици Дадо, Говделај и Каздоја, по молитвите свети ваши, затоа што почестите, ласкањата и убавините на овој свет ја излагаа душата за Христа обручена, а мачеништвото стана венец, кој во дворовите небесни ве приведе, каде во Бога се радувате вие, достојнословни угодници.
Свети Теофан Милостив
Богат граѓанин од Газа. Беше толку милостив, што раздавајќи им го својот имот на ништите и самиот стана таков. Пред крајот на животот го нападна водена болест и во таа болест тој издивна. Но од неговото тело потече целебно миро, од коешто болните се исцелуваа.
Тропар
Од Христа Господа поучувајќи се, наука за милосрдие научи, и тело со волја предаде на стихии од кои храна добиваше, о Теофане милостив слуго Божји. Моли се за нас, свет угодниче, чии молитви станаа извор на исцеление, по твоите молитви да најдеме милост пред Господа.
Света Марија Палестинска
Најпрво беше чтеца на Псалтирот при црквата на Воскресението во Ерусалим. Но бидејќи имаше убаво лице, многумина гледајќи ја се соблазнуаа со гревовни помисли. За да не им дава повод за грев на другите луѓе, Марија се оддалечи во Сукиската пустина со една кофичка грав и една тестија вода. Поживеа осумнаесет години во пустината и со силата Божја ниту ѝ снема грав ниту вода. Ја затекнаа уште жива, а потоа ја погребаа учениците на Свети Киријак.