Отворено писмо до актуелната Влада на Република Македонија
Македонски манифест сака да ја сподели со Владата на Р. Македонија својата размисла во врска со темата: албанските партии и спорот за името со Грција. Цврсто сме убедени дека што се однесува до името, за него како есенцијален проблем, наметнат однадвор и однатре со најгруби средства на присила, имаат повод да се изјаснуваат и да го решаваат единствено Македонците по род. Тоа затоа што името е колективен архетип, идентитет, историја и меморија исклучиво на Македонците. Вклучувајќи го тоа, произлегува дека истото тоа е и нивна болка и рана што крвави сега. Се разбира, добредојдена е секоја добронамерна помош во овој навистина идентитетски и мачен спор, но не и учество во него со задни намери, мимикрија, иронија и умисла за некоја своја крајна добивка.
Навистина е невкусно, на пример нашиот евроинтегративец Бујар Османи во таа смисла да тврди дека новата влада ја добила апсолутно довербата на народот да го реши еднаш засекогаш тој проблем, а притоа отворено да повикува на промена и на другите идентитетски симболи и знаци на македонскиот народ и држава, како што се: знамето, химната и друго. А тоа, од своја страна, значи план за систематско бришење на сите знаци на македонскиот колективен идентитет. Во прилог на тоа зборува и непризнавањето на автентичното македонско име од страна на владата во Тирана, иако тоа е признаено од вкупно 138 држави во целиот свет. Таканаречената, со геноциден мирис, тиранска платформа што ја подготви таа во соработка на ЦИА за деструктивните потреби на албанските политички партии кај нас се вклопува во истиот план за докусурување на македонскиот колективен идентитет, национален суверенитет и држава.
Македонскиот манифест, ако некому, вклучувајќи ја и на нашата актуелна влада, не му е јасно, потсетува дека името над кое сега се наднесени толку многу и надворешни и внатрешни мршојадци, по дефиниција, не е политичко, туку чисто онтолошко прашање, прашање на македонското колективно битие. На никој друг. Сите други, ако немаат намера искрено да помогнат, нека ги тргнат грабливите раце од него. Засекогаш!
Македонски манифест