Остра критика за новата преработка на Некст Тајм: „Аман веќе, пуздер ги напраивте песнине. Оставете ги на раат поарно или научете како се пеат“
Дуото „Некст тајм“ викендов го промовираа спотот за преработката на македонската народна песна „Јовка кумановка“. Ова е четврта песна на браќата Стефан и Мартин, кои претходно ги преработија и „Слушам кај шумат шумите“, „Ја излези Ѓурѓо“ и „Нешто ќе те питам бабо“.
Откако ја објавија песнaта, реномираната пејачка Тања Царовска не издржа и реагираше на социјалните мрежи, велејќи дека „Некст тајм“ ги „упропастуваат старите македонски народни песни“.
Царовска, која пееше во познатиот холивудски филм „Троја“, на браќата Мартин и Стефан им кажа дека композиторот Кирил Манчевски и другите композири на македонски народ песни „се превртуваат во гроб откако ќе ги слушнат нивните преработки“. Револтирана, таа вели: „Научете како се пеат песните, или немојте да ги пеете“.
„Да напоменам, објавава нема врска со политика туку само со музика и уметноста на изведување. И не е личен напад туку општа анализа и апел за несквернавење на македонското музичко културно наследство. Многу од вас ќе ме искритикуваат но еве и вас би сакала да ве натерам на размислување.
Драги „Некст Тајм“ (а и останати многу други поп и фолк-пејачи и заради тие многу други ова го пишувам јавно инаку ќе ви се обратев приватно).
Следниот пат или некст тајм пред да препевате македонска традиционална песна во вокален стил на Сиа и Ријана, може ли да се видиме на едно кафе, да ви кажам два збора? Нема смисла Кирил Манчевски и компанија да се превртуваат во гробовите бе дечки, света работа е тоа пеење. Никој, никој на свет не може да ги пее тие песни како Македонец, колку и да се труди.
Дури и никој од Србија, Грција или Бугарија не може, што се први комшии, до толку е посебен и ултра-деликатен нашиот фолклорен стил на пеење. Ние нивните можеме дури и поумешно да ги изведуваме зашто се полесни, (иако пак никогаш со нивниот оригинален печат) но тие нашиот – невр евр, начинот на пеење ни е во днк-то и иако оддалеку изгледа сличен со другите балкански народи – во суштина е потполно е уникатен.
Исто ко ние што не можеме да испееме индијска фолклорна песна како Индиец, Африканска како Африканец или шпанска како Шпанец, па колку и да сме добри имитатори.
Секој, секој од Индија, Србија, Африка, Шпанија или Македонија што по малку пее може да ја имитира Сиа, Риана или таму машки нивни верзии, не ги знам баш, зашто тој вокален стил е лесен ко боза и затоа толку брзо таквите стилови се усвојуваат ширум светот во мејнстрим поп музиката, то ест сите звучт исто, ем поминати низ исти аудио-филтри.
Ако веќе препевате македонски бисери, учете од тие што треба, од Манчевски, од Сариевски, учете ја Јовка од Вања Лазарова. (Како и од останатите легенди Бадев, Васка, Анка Гиева, Мирвет Беловска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски итн.).
Токму начинот на изведба на нашите фолклорни песни е најважниот носител на сентиментот и вредноста на истите. Јас со години не се осмелувам да издадам кавер на македонска песна зашто ми е страв дека не можам да им се мерам и да ги оправдам. Аман веќе, пуздер ги напраивте песнине. Оставете ги на раат поарно или научете како се пеат. Не ни остана многу македонско, аманте песните пренесувајте ги како што треба. Одлучете еднаш дали ќе пеете поп-рок или ќе пренесувате наследство. Поздрав и се најдобро“, е целосната објава на Царовска, пренесува Репортер.
Некст тајм сè уште не се огласија по повод нејзиното мислење за изведбата.