Oбјавена снимка од разговор меѓу советник на Димковски и инспектор од Охрид
Томе Мојсовски, советник на министерот за земјоделство, уценува и му се заканува на охридски инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство, тврди порталот Лидер.
Според пишувањата намедиумот, кој објави и аудио снимка од телефонски разговор меѓу двајцата, советникот Мојсовски важи за близок човек на министерот за земјоделство Трајан Димковски и настојува инспекторот да ја укине концесијата за Охридското езеро или во спротивно да поднесе оставка.
По објавувањето на снимката, прес конференција веднаш закажа министерот Трајан Димковски, кој не ја негираше автентичноста на снимката. Тој објасни дека неговиот советник единствено посочувал инспекторот да си ја врши работата, бидејќи, како што вели, три месеца не извршил надзор на договорот во концесијата, а во меѓувреме, пристигнувале поплаки и од Езерската полиција дека инспекторот не соработува. Според министерот, концесионерот вработил лица кои се занимавале и со шверц на дрога и криволов.
Министерот отфрли дека станува збор за закани и додаде дека постапката за одземање на концесијата е започната од трети декември, по веќе добиени мислења од Трудовиот инспекторат и АХВ, но недостасува и мислењето на Државниот инспекторат за земјоделство.
Извор: Kанал 5