Македонија

Нов проект за сточарите, поддршка од 80 отсто за набавка за високо приносен добиток

Поддршка од 80 отсто за набавка на високоприносен добиток е новата мерка од програмата на ВМРО -ДПМНЕ која денеска ја најави претседателот на партијата Никола Груевски за време на посетата на сточарска фарма во село Нова Брезница.

Оваа мерка ќе почне да се применува од јануари 2017 година, а право на користење ќе имаат одгледувачи на добиток кои се запишани во единствениот регистер на земјоделски стопанства.

Максималната вредност на прифатливите трошоци, појасни Груевски, ќе изнесува до 10 милиони денари по корисник. Со 10 милиони денари, како што рече, е максимумот со кој може да се купат 100 крави холнштајн или илјада високоприносни кози или 800 високоприносни овци, а 80 проценти од сето ова, нагласи, ќе може да биде покриено од државата.

Груевски истакна дека предвидениот износ на средства за реализација на оваа мерка на годишно ниво ќе изнесува 2 милиони евра.

– Во Македонија поголемиот дел од добитокот не е со висок генетски потенцијал и потребно е преориентирање кон обезбедување високоприносен добиток кој има повеќекратен бенефит за земјоделците. Пред се се обезбедува поголем принос кој значи поголем приход, потоа подобар квалитет на производот било да е млеко или месо  и поголем период на лактација кај добитокот кој дава млеко и поголема месна маса кај добитокот наменет за производство на месо. Се обезбедуваат поголеми шанси за конкурентност на европскиот пазар, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Осврнувајќи се на системот „капка по капка“ како мерка која беше промовирана во изминатиот период за земјоделците кои се занимаваат со обработка на земјиште со 80 проценти поддршка за воведување на овој систем и изградба на бунари, Груевски потенцира дека поддршката се однесува не само за секаков вид земјоделци, не само на тие кои егзистираат преку обработка на земја, туку и за оние чија егзистенција е преку одгледување стока.

Според него, поголема продуктивност во сточарското производство во државата може да се постигне само преку промена на сегашната структура и набавка на попродуктивни грла со висок генетски потенцијал којшто во основа е високоприносен добиток.

– Просекот за македонските крави грла добиток во периодот на лактација-период во кој добитокот дава млеко  (305 дена) е три илјади литри млеко. За ова од една крава од млекото земјоделецот обезбедува приход во просек 64.500 денари за истиот период. Од високоприносен добиток од увоз или од признати организации од Македонија на одгледувачи просекот на млеко изнесува над 8 илјади литри за што заработката од млекото би изнесувала 172 илјади денари, што е два и пол пати поголема отколку кај обичниот добиток кој не е високоприносен, појасни Груевски.

Инаку, фармата во село Нова Брезница што ја посети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постои од 2001 година со околу стотина крави и телиња и 100 овци и е редовен корисник на субвенциите што ги дава државата за сточарите.

Поврзани вести

Back to top button