СветТоп

Над 200 лица починале во протестите во Иран (ВИДЕО)

Организацијата за човекови права во Иран (ИЧП) денеска објави дека најмалку 201 лице, меѓу кои 23 деца, биле убиени во протестите низ Иран.

Оваа група, со седиште во Осло, предупреди дека најверојатно има повеќе мртви во „крвавата пресметка“ на властите со демонстрантите кои протестираат поради смртта на 22-годишната Иранка Махса Амини, која беше приведена поради неправилно носење „хиџаб“.

Организацијата соопшти дека 108 луѓе биле убиени во протестите во изминатите три недели што избувнаа откако Амини почина во полициски притвор, пренесува Радио Слободна Европа.

Покрај тоа, уште 93 лица беа убиени за време на судирите во градот Захедан, во југоисточната провинција Систан, во немирите поради веста дека тинејџерка била силувана од полициски командант во регионот на Белуџистан.

Голем број демонстранти беа убиени и за време на конфликтот во Курдистан во западниот дел на Иран, каде Курдката Амини живееше до нејзината смрт во Техеран.

Организацијата вели дека најмалку 92 демонстранти се убиени од безбедносните сили, иако други групи ја проценуваат бројката од 160 или повеќе, со стотици повредени и илјадници уапсени.

Иранската морална полиција ја уапси Амини на 13 септември поради наводно непридржување кон строгиот задолжителен закон за „хиџаб“ кој ги принудува жените целосно да ја покриваат косата на јавно место.

Амини почина три дена подоцна во болница, а сведоците и нејзиното семејство тврдат дека им подлегнала на повредите од тепање на полицијата.

Меѓутоа, властите тврдат дека таа имала хронична срцева болест и била оперирана од тумор на мозокот како дете.

Поврзани вести

Back to top button