ЖивотТоп

„Мајката храброст“ најплодна жена во Африка: Родила 44 деца, и се бори како лавица за нив

Понекогаш не знаеме да излеземе на крај со едно или со две деца. А како би било кога би имале 38 деца? Моите деца се благослов, вели самохраната мајка Маријам од Уганда, која покрај поддршка и огромна љубов кон своите чеда секој ден мора да обезбеди 25 килограми брашно за да го прехрани семејството

Маријам Набатанзи живее во селото Кибимбира во Уганда, има 42 години, а досега родила 44 деца, од кои 6 починале.

Кога имала 13 години, родителите ја продале на маж кој бил 27 години постар од неа. Тие тоа го нарекувале брак, а таа не знаела за што се работи додека не ја оставиле сама со него во неговата куќа. После една година родила близнаци, а потоа и тројки, па и четворки.

„Мојот маж имаше деца од претходните врски и јас морав да се грижам и за нив. Беше и насилен и ме тепаше секогаш кога имаше прилика за тоа“, раскажува Маријам.

Во еден момент, кога веќе имала 23 деца, одлучила веќе да не раѓа. Го прашала докторот дали постои начин веќе да не забременува. По детален преглед, докторот заклучил дека таков зафат во нејзиниот случај може да предизвика сериозни последици за нејзиното здравје. Родила вкупно 44 деца – шестпати близнаци, четирипати тројки, трипати четворки, со што е прогласена за најплодната жена во Африка.

Маријам вели дека не жали за ништо и дека децата се дар од Бога. Единствено за што ѝ е мака што децата ѝ растат без татко. Нејзиниот маж често исчезнувал со месеци, па и со години и на крај дефинитивно ги оставил. Никогаш не учествувал во воспитувањето на децата. Само им давал имиња, некогаш и преку телефон. Најстариот син, кој има 23 години, вели дека не го видел татко му од кога имал 13 години.

Маријам им дава љубов и поддршка и се грижи да имаат сè што им е потребно. Храната е најсериозниот трошок за ова големо семејство. Сите нејзини деца одат во училиште. Најстарите близнаци сега се квалификувани негувател и градежен работник.

„Се надевам дека сите мои деца ќе го завршат училиштето бидејќи имаат големи амбиции да станат доктори, учители, адвокати. Сакам да го остварат тоа, бидејќи е тоа нешто што јас не можев.“

За да го прехрани семејството дневно ѝ се потребни 25 килограми пченкарно брашно. А за да ги покрие сите трошоци Маријам морала да совлада многу вештини. Собира различни билки и ги препродава, прави торти, молерисува, плете плетенки, организира и декорира прослави, ги дотерува младите невести и им прави фризури.

Таа има јасна порака за сите во нејзината култура: „Престанете да ги продавате ќерките на мажи за брак. Тие многу страдаат и недостатокот на родителската љубов никогаш не може да се надомести. Ќе се борам моите деца и јас секогаш да имаме храна на масата и никогаш нема да ги напуштам.“

Има порака и до мажите, односно татковците: „Никогаш не заборавајте ги своите обврски, бидејќи бракот е заедничка обврска за да ги воспитате и израснете децата“.

Поврзани вести

Back to top button