Левица: Неспособноста на ДУИ ги остави учениците без учебници
Во текот на вчерашниот ден, министерот за образование Јетон Шаќири изјави дека оваа учебна година МОН ја пречекува поподготвено отколку минатата – без набавени учебници.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение место учебници, ќе добијат шарено подврзани скрипти или материјали за учење, како што ги нарекува Шаќири, во обид да го прикрие фактот дека ресорот со кој управува не успеа да обезбеди учебници, откако претходно не стигна да обезбеди ниту свидетелства на крајот од наставната 2021/22 година.
Причините за немањето учебници се повеќе, но сите имаат заеднички именител: неспособност на ресорното министерство раководено од ДУИ да ги менаџира потребите на корисниците.
Конкурсите за ракописи за споменатите учебници течеа до средината на мај, поточно до 11 мај 2022 година. Во истиот рок течеше и јавниот повик за рецензенти на учебниците. Каде заглавила процедурата потоа?
Дали можеби причината за ненавременото изготвување на учебниците се крие во традиционалниот партнер на државните институции управувани од кадри на ДУИ, издавачка куќа и печатница „АРБЕРИА ДЕСИГН” од Тетово?
Првиот човек на „Арберија”, Хасим Хамзи, за изборите во 2015-та година за партијата ДУИ донирал трикратно повеќе од лидерот Али Ахмети.
Споменатата фирма до 2016 година била регистрирана за производство на плочи, листови, цевки и пластични маси, за тогаш да се преориентира во печатница, а од 2018 година дејноста ја проширува и со печатење книги. Бизнис кој ѝ донесува приходи од милиони евра, од кои над 90% од договори со државни и јавни институции, најчесто раководени од кадри на ДУИ.
За илустрација: само во 2020, 2021 и 2022 година АРБЕРИА ДЕСИГН има инкасирано близу три милиони евра (2.946.207) само од МОН.
Истата фирма се јавува и како организатор на прославата по повод Рамковниот договор, при што од министерството на Груби инкасира неверојатни 97.000 евра.
Очигледно е дека сѐ во државава може да стои и да чека, освен бизнис-интересите на ДУИ.