Левица: Функционерите кои си ги зголемија платите за 78 проценти не гласаа за зголемување на додатокот на лица со попреченост (ВИДЕО)
Пратениците на Левицата поднесоа предлог-измени на два закона, со кои ќе се унапредеа паричните додатоци на лицата со попреченост и двојно ќе се зголемеше личната асистенција за лицата со попреченост. Mеѓутоа, овие закони за унапредување на положбата на лицата со попреченост не ја добија потребната поддршка во Собранието од страна на владејачкото мнозинство, соопшти политичката партија Левица.
– Револтира фактот што токму оние функционери што добија покачување од 78 проценти за нивните плати, овој пат не изгласаа покачување на додатоците на лицата со попреченост. Токму оние што се избрани да бидат гласот на народот во Собранието и да ги штитат интересите на народот во Собранието, за жал, ги штитат само сопствените интереси, велат од Левицата.
Партијата поднесе низа предлог-закони за унапредување на правата на лицата со попреченост, како и закони со кои ќе се ограничуваат правата на функционерите, како укинување на апанажата и укинување на патните трошоци. И овие закони не беа поддржани во Собранието, велат од Левицата, со што функционерите си ги задржаа своите бенефиции, но не дозволуваат истите бенефиции да ги добијат лицата со попреченост и другите граѓани.