Лекарите од Ниш, Србија работеле 12 викенди бесплатно, односно 100 работни дена без престан за да успеаат да ги оперираат сите кои се на листа на чекање. – По речиси 100 дена работа и 12 последователни работни викенди, постигната е целта што ја постави Клиниката за кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар во Ниш да ги елиминира сите листи на чекање за кардиоваскуларни операции. Од денеска листите на чекање не постојат на нашата клиника, објави на Фејсбук Драган Милиќ, директор на Клиниката за кардиохирургија на Клиничкиот центар Ниш.
Милиќ напиша дека клиниката ќе се врати во редовна работа, а ниту еден пациент кој ќе помине на клиниката за анестезиологија нема да чека на операција повеќе од 5-15 дена.
Според него, на почетокот на годината имало листа на чекање со 149 пациенти. Таа сега е претворена во список за закажување на кој има 42 пациенти. „Операциите за кои минатата година требаше пациентите да чекаат три до четири, а понекогаш и шест месеци, веќе нема да мора да се чекаат“, напиша Милиќ.
Тој особено посочи дека ниту еден пациент кој бил опериран за време на викендот не починал и дека не се покажала точна претпоставката дека за време на викендот се губи концентрацијата и се намалува квалитетот на работата.
Во декември 2022 година, лекарите од нишката кардиохирургија побарале да им се дозволи да работат како волонтери и за време на викендите, за да се намалат листите на чекање, а побарале од Министерството за здравство и другите надлежни институции да им обезбедат материјал за работа. Но, Министерството и управата на Клиничкиот центар молчеле, па лекарите самоиницијативно решиле да го спроведат својот план, пренесува хрватски Индекс.
Милиќ нагласува и дека во однос на минатата година двојно е зголемен бројот на операции, прегледи и хоспитализации.