Избран нов „цар на Ромите“
Во романскиот град Сибиу вчера свечено беше крунисан новиот „цар на Ромите од целиот свет“.
Новиот „цар“ Јулијан Втори, беше крунисан неколку часа по погребот на неговиот претходик, Јулијан Први, кој почина во четвртокот на 79-годишна возраст.
Новиот самопроглесен „цар“ е син на досегашниот „владетел на Ромите“ и тој во последниве 30 години живее во САД, но за церемонијата на крунисување се врати во родната Романија.
По преземањето на „круната“, Јулијан Втори најави дека ќе се пресели во Романија „за да може подобро да раководи со Ромите“.
– Многу е тешко по 30 години да се вратиш назад. Но, проблемите на Ромите ме тераат да се вратам во земјата, за да можам подобро да раководам со мојот етнос, изјави Јулијан Радулеску.
Инаку, Јулијан Втори Радулеску е оженет со ќерката на поранешниот „ромски цар“ Јоан Чоаба, Лучија. Внукот на Јоан, Дорин исто така себе си се смета за „цар на Ромите“, поради што семејствата Радулеску и Чоаба се во повеќегодишен спор.
Јулијан Втори најави дека еден од неговите приоритети ќе биде помирување на семејствата Радулеску и Чоаба, кои живеат во иста населба во градот Сибиу.