ЖивотТоп

Истражување: Прекумерното земање антибиотици е опасно за луѓето

Според британските научници, земањето антибиотици и антимикробната отпорност (АМР) може да се спореди со двонасочна улица меѓу животните и луѓето. Антимикробна отпорност е способност на микроорганизмите да развијат отпорност на антимикробни лекови, кои претходно биле користени во третманот.

Новото истражување открива дека употребата на антибиотици кај животни како говеда, свињи и кокошки е поврзана со антимикробна отпорност кај луѓето, а употребата на антибиотици кај луѓето е поврзана со отпорност на микроорганизми кај животните.

Експертите од целиот свет се решени да го забават растот на антимикробната резистенција, делумно поттикната од непотребното препишување и земање антибиотици.

АМР се јавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите мутираат и повеќе не реагираат на лековите, вклучително и антибиотиците наменети за нивно лекување.

Поради ова, некои болести тешко се лекуваат, а истовремено се зголемува ризикот од нивно ширење, што може да резултира со потешки форми на болеста и на крајот – смрт на пациентот.

Истражувачите велат дека резултатите од студијата укажуваат на итна потреба да се најде стратегија за борба против ширењето на антимикробната резистенција фокусирајќи се на социјалниот развој и намалувањето на глобалната сиромаштија и воведување многу построги правила во однос на употребата и препишувањето антибиотици.

– АРМ е злобен проблем бидејќи се соочуваме со спротивставени приоритети меѓу сложената мрежа на засегнати страни, рече Касим Алел, главен автор на студијата и соработник во Единицата за истражување на епидемиологијата на заразни болести на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Антимикробната отпорност е голема закана за глобалното здравје, а податоците покажуваат дека отпорните бактерии се одговорни за 1,27 милион смртни случаи во 2019 година.

Зголемената побарувачка за храна и производи од животинско потекло, како и сложените и меѓусебно поврзани социо-економски и еколошки фактори, влијаат на овој проблем.

Неправилната употреба на лекови, кои се однесуваат на антибиотици, антивирусни и антигабични средства, е клучен двигател на ширењето на антимикробната резистенција.

Како дел од новата студија, меѓународен тим на истражувачи, вклучително и оние од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, ја истражуваа поврзаноста помеѓу глобалната потрошувачка на антибиотици и стапката на антимикробна отпорност кај луѓето и животните што се користат во производството на храна од 2018 година.

Студијата исто така покажа дека давањето антибиотици на животните што произведуваат храна е поврзано со поголем ризик од АМР кога тие се изложени на болести што ги погодуваат луѓето, што Светската здравствена организација го дефинира како клучен проблем.

Во исто време, почестата употреба на антибиотици кај човечката популација го зголемува ризикот од антимикробна отпорност кај животните.

Иако помала потрошувачка на антибиотици е забележана во земјите со низок и среден приход, особено во Азија (Бангладеш, Кина и Индија), таму е забележана највисока стапка на АМР кај животните што произведуваат храна.

Податоците сугерираат дека земањето антибиотици може да биде секундарен фактор на ризик за ширење АМР во одредени делови од светот, велат научниците.

Социо-економските фактори, како што се нееднаквите приходи или стапката на смртност поради лошата хигиена или срцевите проблеми, се исто така одговорни за повисоката стапка на АМР кај луѓето.

Поврзани вести

Back to top button