Живот

Добра вест за диајбетичарите – Вештачки панкреас наскоро на пазарот

Истражувачите од Велика Британија велат дека првиот вештачки панкреас би можел да се појави на пазарот веќе во 2018 година. Ова ќе им овозможи на лицата што страдаат од дијабет тип 1 подобра контрола на нивото на глукоза во крвта, без секојдневните инјекции.

Ова претставува голема вест, бидејќи сѐ досега лицата со дијабет тип 1 мораа да користат два уреди- едниот за контрола на нивото на глукозата во крвта и другиот за инјектирање на соодветно количество на инсулин. Новиот уред ги комбинира двете работи во еден затворен систем.

Уредот кој изгледа како мала кутија, ќе го контролира и подесува нивото на шеќер во крвта на корисникот, без тој да мора да користи повеќе уреди за да го постигне истото.

Ова не само што ќе им овозможи на дијабетичарите да живеат поисполнет живот, туку и ќе ја анулира можноста од човечка грешка, односно корисникот случајно да инјектира поголемо или помало количество на инсулин од потребното.

Уредот исто така нуди можност да се трансплантираат нови бета клетки кои продуцираат  инсулин во панкреасот кај дијабетичарите. Ова претставува нова опција за третман на којашто работат истражувачите, но резултатите се различни, а операцијата претставува и оптеретување за имунолошкиот систем на пациентот.

Треба да се нагласи дека истражувачите тука не зборуваат за еден одреден тип на вештачки панкреас кој тие го развиле, туку едноставно зборуваат општо и го анализираат опкружувањето кога една компанија или институција навистина би произвела ваков панкреас и кога тој би стигнал на пазарот. Тие откриле дека колку и да изгледаат ветувачки иновациите, сѐ уште постојат многу пречки што истражувачите треба да ги надминат.

На пример, за инсулинот – дури и оној со брзо дејство, потребни се и до два часа за да го достигне потребното ниво во крвотокот, што претставува проблем еден уред да го следи и константно автоматски да го одржува, особено кога корисникот вежба или врши други активности кои може да влијаат на нивото на шеќерот во крвта.

Тука е и проблемот со безбедноста, бидејќи вештачкиот панкреас во основа би бил многу мал компјутер, што остава можност да биде хакиран.

Покрај овие практични пречки кои треба да се надминат, постојат и многу регулаторни тела кои треба да дадат одобрение пред да може уредот да се појави на пазарот.

Сепак, после проценката на досегашниот напредок и предизвиците, истражувачите остануваат уверени дека некој тип на вештачки панкреас ќе се најде на пазарот во 2018 година.

Панкреасот не е првиот вештачки орган со кој експериментираат истражувачите. Во февруари, истражувачите од САД развија нов начин за изработка на вештачки капилари, преку проучување на начинот на кој машината за шеќерна волна го обработува шеќерот.

Времето ќе покаже дали проценките на истражувачите во врска со вештачкиот панкреас се исправни, но нивните анализи дефинитивно даваат надеж.

Извештајот од истражувањето беше објавен во списанието „Diabetologia“.

Поврзани вести

Back to top button