МакедонијаРелигија

Денеска се слави чудотворецот кој се покажувал како војник качен на бел коњ и им помагал на тие во неволја

Светиот великомаченик Мина

По потекло Мисирец и војник по занимање Свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската и градот и луѓето и с ѐ и отиде во пуста планина. Бидејќи на Св. Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе. Еден ден светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги изобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша Свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Мисир, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“. Кога го слушна ова Пирос го подложи Свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, па најпосле го убија со меч. Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква. Св. Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секого којшто го слави Св. Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помогнал. Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.

Светиот маченик Стефан Дечански, крал српски

Син на српскиот крал Милутин и татко на царот Душан. По наредба од својот неинформиран татко беше ослепен, а по наредба на својот лекомислен син на старост беше удавен. При ослепувањето му се јави Св. Николај во храмот во Овче Поле и му ги покажа неговите очи велејќи: „Стефане, не плаши се, еве ги твоите очи на мојата дланка, во свое време ќе ти ги вратам“. Пет години помина во Цариград како заробеник во манастирот Пантократор. Со својата мудрост и со својот подвиг, со кротоста и благочестието предничеше не само пред монасите туку и пред сиот Цариград. Кога се навршија пет години повторно му се јави Св. Николај и му рече: „Дојдов да го исполнам ветувањето“. Светителот го осени слепиот крал со знакот на крстот и кралот прогледа. Од благодарност кон Бога го изгради Дечанскиот храм, едно ретко прекрасно дело на византиската уметност. Животот го проживеа и го заврши како маченик во 1336 година.

Светите маченици Виктор и Стефанида

Виктор беше роден римјанин, а по занимање војник. Мачен за Христа во времето на царот Антонин. За време на неговото мачење една млада жена Стефанида изјави дека и таа е христијанка. Виктор го убија со меч, а Стефанида ја растргнаа врзана со едната нога за врвот на една палма, а за другата за врвот на друга.

Светиот маченик Викентиј ѓакон

Од Сарагоската епархија во Шпанија. Страшно намачен за Христа и најпосле го испекоа на железна решетка. Својот дух Му го предаде на Бога во 304 година. Телото му почива во Рим во црквата што му е посветена.

Преподобен Теодор Студит

Прочуен игумен на Студитскиот манастир, голем страдалник за иконите, мудар устроител на манастирскиот живот, боговдахновен учител на Православието и чудесен подвижник. Се упокои во Цариград во 826 година, во шеесет и осмата година од животот.

 

Поврзани вести

Back to top button