Религија

Денеска е Велики петок-Денот на Христовото распетиe

Велики петок, освен Велипеток уште се вика и Распет петок, зашто на тој ден е распнат Исус Христос.

Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во христијанската религија. Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во “шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале”. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела, кога за првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.

Одлуката за погубувањето на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го предал на народот, кој пак го осудил на смрт. Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
Разбеснетиот еврејски народ кој го барал христовото распнување и смрт извикувал: “Крвта негова на нас и на нашите деца”.

Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде што е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”.

Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.

СТРОГ ПОСТ
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.

Свети Артемон, епископ Селевкиски

Роден и воспитан во Селевкија. Кога Св. апостол Павле дојде во тој град го виде Артемон, уште повеќе го утврди во верата во Христа и го постави за епископ на Селевкија. Артемон управуваше со словесното стадо Христово со љубов и со ревност, беше лекар на човечките души и тела и во вечноста се пресели во длабока старост.

Преподобен Јаков Исповедник

Беше монах на Студитскиот манастир. Пострада за иконите од царот Лав Ерменин. Кога великиот Теодор Студит беше во ропство, Јаков го фрлија во големи маки за да се одрече од иконопочитувањето. Но тој остана истраен и верен на Православието докрај. Избиен и измачен го вратија назад во манастирот, а тогаш злобниот цар најде зол крај на својот живот. Преподобен Јаков умре во манастирот од тешките повреди стекнати при страдањето.

Светиот свештеномаченик Партениј, патријарх Цариградски

Родум од островот Митилена. Подолго време беше хиоски епископ. Потоа го избраа за патријарх. Но заради извесни лажни достави дека работи против државата, Турците прво му нудеа да се потурчи, а кога тој одлучно ги одби, го обесија во 1657 година.

Спомен на чудото во Печерскиот манастир

Двајца другари, Јован и Сергеј, се побратимија пред иконата на Пресвета Богородица во овој манастир. Јован беше богат човек и имаше петгодишен син Захарија. Јован се разболе и пред смртта својот син го предаде на старателство кај Сергеј, на кого што му остави на чување прилично количество злато и сребро, со тоа што да му биде врачено на Захарија кога ќе порасне. Но кога порасна Захарија, Сергеј одрече дека примил било што од умрениот Јован. Тогаш Захарија му побара да се заколне пред истата онаа икона на Пресвета Богородица пред којашто влезе во братство со неговиот покоен татко Јован, а вети дека потоа тој не би барал од него ништо. Сергеј се согласи. Но кога се заколна, сакаше да пријде да ја целива иконата, само што некоја сила го држеше на растојание и не му допушташе. Тогаш почна бесомачно да вика: „Свети отци, Антониј и Теодосиј, не пуштајте да ме погуби овој немилосрден ангел!“ По Божјо допуштение беше нападнат од демонот. По ова Сергеј му ги покажа на Јовановиот син сите пари што ги наследи од таткото. Кога отворија пак, ја најдоа онаа сума удвоена, како што по Божја Промисла се имаше удвоено сама од себе. Штом ги прими парите Захарија му ги даде на манастирот, а самиот таму се потстрижа за монах, проживеа долго и се удостои со големи духовни дарови. Мирно се упокои во Господ.

Преподобен Захарија

Син на Карион Мисирецот, којшто ги остави жената и децата и се замонаши. Захарија го зеде кај себе неговиот татко, бидејќи мајка му не можеше да го прехрани. Иако многу помлад од многумина старци во Скитот, се здоби со многу поголеми благодатни дарови од многумина меѓу оние старци. Од благодатта Божја чувствуваше како му гори целата внатрешност. На прашањето на Св. Макариј кој е вистински монах, Захарија одговори: „Оној којшто непрестајно се принудува себеси на заповедите Божји“. А на прашањето на авва Мојсеј што значи да се биде монах, Захарија ја симна камилавката, ја изгази со нозете, па рече: „Ако човекот не се смири не може да биде монах!“ Беше големо светило меѓу монасите во пустината и млад се упокои во Господ.

Поврзани вести

Back to top button