Денеска е Велик четврток
Велик четврток
Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („…Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам…“, Јован 14, 13 – 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.
Светиот свештеномаченик Никон
Роден е во Неапол од татко незнабожец и мајка христијанка. Беше римски офицер во Неапол. Не беше крстен, иако мајка му тајно од таткото го поучуваше на Христовата вера. Еднаш кога тргна со својата чета во бој, мајка му го посоветува ако западне во неволја да се прекрсти и да Го повика Христа на помош. И навистина, кога во битката Никоновата чета беше опколена и сосем близу до конечна погибел, Никон се прекрсти и во срцето повика кон Господ Исус. Во тој миг се исполни со необична сила, јурна на своите непријатели и едните ги уби, а другите ги натера во бегство. Враќајќи се дома непрестајно во чудо возвикнуваше: „Голем е христијанскиот Бог!“ Откако ја израдува мајка си со веста за победата со помош на крстот Христов, тајно отплови во Азија и таму епископот кизички Теодосиј го крсти. По Крштението се затвори во еден манастир, каде што се предаде на учење и подвиг. Но пред смртта епископот Теодосиј имаше видение во кое му беше заповедано за свој наследник да го ракоположи Никон. Старецот Теодосиј веднаш го повика Никон и го ракоположи за ѓакон, потоа за презвитер и накрајот за епископ. По Божја Промисла Никон наскоро дојде во Неапол, каде што ја затекна мајка си с ѐ уште жива. По нејзината смрт заедно со деветмина ученици, свои некогашни војнички другари, замина за Сицилија и таму го проповедаше Евангелието. А во тоа време имаше страшно гонење на христијаните. Кнезот Квинтијан го фати Никон со другарите и ги удри на големи маки. Сто и деведесет негови другари и ученици беа убиени. А мачителот го врзуваше Никон за опашките на коњите, го фрлаше во бездна од високи карпи, го тепаше, го стружеше, но Никон ги преживеа сите тие маки. Најпосле го убија со меч и се пресели со душата кај Господ. Неговото тело го оставија во полето за да го изедат птиците. Но едно демонизирано овчарче се сопна и падна врз мртвото тело на Христовиот маченик и веднаш се исцели. Разгласи за телото на Свети Никон, па дојдоа христијаните и го погребаа. Пострада за Христа во времето на царот Декиј.
Преподобен Никон Печерски
Другар на Свети Антониј Печерски и духовен отец на Преподобниот Теодосиј. Затоа што ги потстрижа во монаштво бојаринот Варлам и евнухот Ефрем беше загрозен од кнезот Изјаслав, но кнегињата го обрати гневот на овој кнез во страв Божји и тој го остави Свети Никон во мир. Еднаш сакајќи да го украси храмот со икони Никон Му се молеше на Бога за помош. И заради неговите молитви ненадејно дојдоа во Киев од Цариград едни Грци иконописци на коишто во видение им се јавиле Светите Антониј и Теодосиј и ги упатиле кај Никон во Киев. Прочуен е по неговите смели подвизи и по духовната мудрост. Во староста наспроти неговата волја го избраа за печерски игумен. Се престави кај Господ во 1066 година. Неговите нетлени мошти се чуваат во киевските пештери.