Религија

Денеска е Св. маченик Јулијан Тарсиски

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 јуни.

Денеска е Св. маченик Јулијан Тарсиски.

Свети Јулијан беше Киликиец од градот Тарс, родното место на апостолот Павле, а живееше во втората половина на третиот век. Мајка му го воспитуваше (хранеше) со Небесниот леб, па така овој израсна во мерката на совршен маж. Кога настана гонењето при Диоклецијан (284-305), Јулијан беше затворен како христијанин. Го водеа од град во град по Киликија скоро цела година, честопати ставајќи го на маки, но Јулијан сé издржуваше со силата што му ја даваше Христос. Во една прилика неговата мајка го посети во затворот и го утврдуваше да истрае во своето сведоштво за Христа, а кога управникот дозна за тоа ја фрли и неа в затвор. Најпосле, свети Јулијан беше удавен во морето, а наскоро маченичка смрт претрпе и неговата мајка.

Преподобните Јулиј и Јулијан

Родени браќа од грчката област Мирмидонија. Од малечки воспитани во христијанство, со завет дека ќе живеат секогаш во девственост, служејќи ѝ на Црквата. Јулиј беше презвитер, а Јулијан ѓакон. Од царот Теодосиј Помладиот издејствуваа грамат за да ги уриваат идолиштата, а да градат христијански цркви. Овие двајца браќа како двајца апостоли ги обраќаа нехристијаните во христијани вдолж Исток и Запад и ѕидаа цркви. Додека живееја изградија сто цркви. Се упокоија мирно во Господа, близу Медиолан. Жителите на Медиолан го повикуваат Свети Јулиј на помош против волците.

Светиот маченик Арчил II цар Грузиски

Син на царот Стефан, а внук на великиот грузиски цар Вахтанг. Царот Арчил, голем христијанин и заштитник на христијанството, беше мачен од муслиманите и заклан за Христа на 20 март 744 година. Имаше осумдесет години кога пострада за Господ и се пресели во блажената вечност.

Светиот маченик Луарсаб II, кнез Карталински во Грузија

Татко му, Георгиј III, исто така пострада за верата, отруен од персискиот шах. Самиот Луарсаб беше фрлен во некој затвор близу Ширас, во којшто остана седум години. Потоа на наредба од шахот Абас I беше обесен во затворот со двајца слуги, на 21 јуни 1622 година. На неговиот гроб е видена небесна светлина.

Поврзани вести

Back to top button