Денес е Духовден, роденденот на црквата Божја
Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница
Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.
Светиот маченик Василиск
Роднина на Свети Теодор Тирон. Беше мачен заедно со Евтропиј и Клеоник. Кога последниве двајца беа распнати и на трети март издивнаа, Василиск повторно го вратија во затворот. Тогаш се случи смена на царските намесници, па Василиск остана долго во затворот. Со солзи Го молеше Бога да не го лиши од маченичката смрт. И после долга молитва Самиот Господ Исус Христос му се јави, му вети дека ќе му ја исполни желбата и го прати во неговото село да се поздрави со мајка му и со браќата. Тогаш дојде новиот намесник Агрипа и заповеда веднаш да му го доведат Василиск од селото. На патот од селото кон градот Амасија преку Својот маченик Господ изврши големи чуда, заради кои многуброен народ поверува во Христа. Агрипа му нареди на маченикот да му принесе жртва на Аполон. „Аполон значи губител!“, рече Василиск и со усрдна молитва го урна идолот во прав и со небесен оган го изгоре храмот. Уплашениот Агрипа сето тоа им го припишуваше на магиите, та нареди и Василиск го убија со меч. Тогаш Агрипа полуде и во лудилото отиде на губилиштето, најде малку од крвта на маченикот во прашината, си ја подвзра себеси под појасот, од што веднаш стана здрав. Си дојде на себе и се крсти. Подоцна некој Марин, граѓанин Комански (Комани се викаше местото каде што го погубија Василиск) подигна црква за моштите на маченикот и таму мнозина болни наоѓаа исцеление.
Вториот Вселенски Собор
Во времето на царот Теодосиј Велики овој Собор беше свикан, во 381 година, во Цариград, за да го утврди православното учење за Светиот Дух, за Којшто криво учеше тогашниот цариградски патријарх Македониј. Имено, овој духоборен патријарх учеше дека Светиот Дух е Божја твар, а не Божествена ипостас рамна на ипостасите на Отецот и Синот и со нив еднобитна. Македониј беше осуден од Соборот, а Никејскиот Симбол на Верата дополнет со учењето за Светиот Дух.
Светиот праведен Мелхиседек, цар Салимски
Современик на праотецот Авраам. Според зборовите на Светиот апостол Павле, како цар и свештеник Мелхиседек е праобраз на Господ Исус Христос (Евр. 7).