Четири интимни болести од кои може да се заразите и со заштита
Кога правилно и редовно користите кондом, успешно спречувате пренесување на многу полово преносливи болести како хепатитис Б, хепатитис Ц, гонореја, кламидија и HIV.
Но, постојат одредени полово преносливи болести од кои можете да се заразите дури и кога употребувате кондом.
1. Генитален херпес
Ако лезиите на херпесот се наоѓаат на препоните или карлицата кои не се покриени со кондом, може да дојде до нивен пренос. Лекарите препорачуваат да апстинирате од сексуални односи, ако има видлива појава на херпес како и дека треба да имате на ум дека херпесот може да се пренесе и тогаш кога нема видливи симптоми.
Презервативот не е доволна заштита за херпесот тип 2 или за гениталниот херпес, ниту пак херпесот тип 1, односно оралниот херпес за кој неодамна се откри дека може да се пренесе и преку полови односи.
Во зависност од фазата на болеста, која може да се промени, гениталниот херпес може да биде помалку заразен (кога нема видливи симптоми) или исклучително заразен (кога на кожата има видливи меурчиња).
2. HPV
Хуман папилома вирусот е највообичаената полово пренослива болест и ако сте сексуално активни, голема е веројатноста дека во одреден момент ќе бидете изложени на овој вирус.
Некои типови на овој вирус можат да предизвикаат генитални брадавици, а други пак, немаат никакви видливи надворешни симптоми, па најчесто заради тоа, луѓето воопшто не се свесни дека го имаат овој вирус во себе. Иако не постојат видливи брадавици, вирусот може да се пренесе преку кожата.
Некои типови на HPV можат да предизвикаат дури и рак на вратот на матката. Иако постојат докази дека користењето на презерватив го намалува ризикот од рак на вратот на матката, не постојат цврсти докази дека кондомот комплетно го спречува пренесувањето на HPV.
3. Срамни вошки
Срамните вошки повеќе не се така вообичаена болест со оглед на подобрувањето на социјалниот стандард и хигиената општо. Овој тип на вошки полагаат јајца и живеат во срамните влакна што значи дека за да се спречи нивното пренесување, кондомот нема да помогне.
4. Сифилис
Сифилисот се манифестира како цврста, кружна и обично, безболна рана, односно како чир. Како и кај херпесот, кондомот штити во зависност од тоа каде се наоѓа раната.
Употребата на кондом го намалува ризикот од пренесување и може да помогне, ако чирот е прекриен со презервативот, но ако се наоѓа на дел од гениталиите кои не се покриени со презерватив, лесно може да се пренесе.