Бандата од Македонија украла автомобили на Халкидики вредни над милион евра
Разбиена е криминална група од Македонија која крадела луксузни возила од викендички на Халкидики, по истрага на полициски службеници од Одделот за безбедност Полигирос. За случајот, како што беше претходно објавија грчките медиуми, уапсени се 3 лица од Македонија, а поведена е постапка против уште 3 нивни соучесници.
Како што произлезе од полициската истрага, наведените лица формирале криминална организација со структурирани активности и различни улоги, со цел кражба на луксузните возила од голема парична вредност.
Според нивната криминална шема, тие првин ги лоцирале луксузните возила на туристите на Халкидики, а потоа упаѓале во нивните сместувачки капацитети, со цел да им ги одземат клучевите и да ги украдат возилата.
За остварување на целите на криминалната организација тие имале конкретни улоги поврзани со координација на криминалната организација („мозок“), лоцирање на нивните жртви, вршење кражби и транспортирање возила, со крајна дестинација во друга држава.
Од досегашната истрага произлезе дека тие учествувале во вкупно 18 кражби на возила на различни делови на Халкидики, од кои се пронајдени седум украдени возила, во една кражба на возило во подрачјето на Солун и во една кражба на регистарски таблички од паркирани возила на подрачјето на Солун.
Вкупната вредност на украдените возила надминува еден милион евра. Од куќите одзеле и пари, електронски уреди, часовници и слично, чија вкупна вредност надминува 60.000 евра.
Едно од уапсените лица е пронајдено на подрачјето на Халкидики од страна на полициски службеници на Одделот за сообраќај Полигирос, додека управувало украдено возило на странец.
Во рамки на тековните увиди, лоцирани се и други две уапсени лица кои се обиделе да го преземат украденото возило што претходниот период го управувал нивниот соучесник од подрачјето на Халкидики, со намера да го пренесат во странство.