Кадиров: Русија треба во Украина да употреби нуклеарно оружје со мала сила
Чеченскиот лидер, Рамзан Кадиров, изјави дека Москва треба да размисли за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина.
Во пораката на „Телеграм“, зборувајќи за губењето на руското упориште Лиман во источна Украина, Кадиров напиша: Според мене, треба да се преземат подрастични мерки, кои би оделе до таму што ќе се прогласи вонредна состојба во пограничните области, како и употреба на нуклеарно оружје со помала моќност.
Неговата објава доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин објави анексија на четири украински региони – вклучувајќи го и Доњецк, кој е дом на Лиман, кој денеска Украинците го вратија под своја контрола.
Путин рече дека Москва ќе ги брани регионите што ги окупира „со сета своја сила и сите средства што ги има“.
Познато е дека Русија го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот, вклучително и тактичко нуклеарно оружје со помала сила, дизајнирано да се користи против ривалските армии.
Руската армија соопшти дека го напуштила Лиман поради опасност од опкружување и „се повлекла на други линии“.