Преподобниот маченик Лукијан, презвитер антиохиски
Роден е од благородни родители во Самосат во Сирија. Во младоста стекна мошне широко светско и духовно образование. Овој маж беше познат по ученоста и по подвижничката строгост на животот. Откога го раздаде својот имот на сиромашните, се издржуваше од своите поучни дела и од тоа се хранеше како од некое ракоделие. ? направи на Црквата мошне голема услуга со тоа што според еврејскиот текст поправи многу места од Светото Писмо коишто еретиците сходно на своето изопачено учење ги беа расипале. Заради ученоста и духовноста беше ракоположен за презвитер во Антиохија. Во времето на гонењето на Максимијан, кога беа измачени Св. Антим Никомидиски и Св. Петар Александриски и Лукијан беше на списокот на оние коишто царот сакаше да ги погуби. Тој побегна од градот и се скри, но го поткажа некој завидлив еретички свештеник Панкратиј. Во тоа време гонењето беше ужасно. Не беа поштедени ниту малите деца. Две момченца кои не сакаа да јадат од идолските жртви беа фрлени во врела бања, каде што во маки ги предадоа светите души на Бога. Една ученичка на Лукијан, по име Пелагија, за да ја зачува својата девственост се качи на покривот на куќата, а оттаму падна и се разби (под 8 октомври). Лукијан го одведоа во Никомидија пред царот. Патем со своите совети успеа да обрати во верата четириесетмина војници. И сите завршија маченички. После испитување и биење го фрлија во затвор и го мореа со глад. Св. Јован Златоуст за него пишува: „Тој го презре гладот, да го презреме и ние раскошот и да ја уништиме власта на цревата, за кога ќе дојде време да се бара од нас таква мажевност, однапред подготвени преку помалите подвизи, да се јавиме славни во времето на борба.“ На Богојавление се причести во затворот, а утредента Му го предаде својот дух на Бога. Пострада на 7 јануари 311 година.
Тропар
Благоразумна душо на Царот Небесен, ревносен подвижниче кој срцето бвлагодатно со солзи го миеше, Лукијане пастиру Христов, Лукијане мачениче свет, кој име христијанско оправда, денес и во веки моли се и застапи се пред Господа, како и некогаш за сите кои во верата омлитавеа.
Преподобен Ефтимиј Новиот
Роден е во Анкира, во 824 година од праведни родители, Епифаниј и Ана. Служеше војска, се ожени и имаше една ќерка, Анастасија. Се подвизуваше остро и долго во Олимписките манастири, а потоа на Света Гора. Извесно време живееше како столпник во близина на Солун. Овде, во околината на Солун, основа еден машки и еден женски манастир. Се упокои на Свештениот остров близу Света Гора, кон крајот на 9 век. Неговите свети и чудотворни мошти почиваат во Солун.
Тропар
Животот твој во Христа Господа, светол образ за сите кои по вечност трагаат. Љубители на слободата во Бога, благодатта те крепеше и љубовта те хранеше во твоите свети подвизи, о Евтимие, столбу на верата подвижничка. Ти, кој плодовите од трудовите свети со браќата ги делеше, покри ги сега пред Христа нашите прегрешенија, за и ние да ја видиме Вечната светлина.