Свет

Џихадистите од Исламската држава порачаа: Америка ја води идиот!

Од најозлогласената терористичка организација на светот – Исламската држава, порачаа дека Соединетите Американски Држави се „дават“ и дека „ги води идиот“.

Станува збор за прв службен коментар на оваа џихадистичка група откако Доналд Трамп и официјално стана претседател на Соединетите Американски Држави. Се огласи портпаролот на Исламската држава – Аби Ал-Хасан Ал-Мухајер.

„Вие (САД) веќе пропаднавте и тоа може да се види на секој чекор“, порача портпаролот на најозлогласената терористчка организација на светот.

„Има ли поголем доказ од тоа дека ве води идиот кој што нема поим што се Сирија, Ирак или што е Исламот“, изјави портпаролот на Исламската држава на аудио пораката која што беше објавена на социјалните мрежи.

Инаку, Доналд Трамп уште за време на претседателската кампања вети дека ќе ја уништи Исламската држава, а неодамна побара од воениот врв на Соединетите Американски Држави да биде направен план кој ќе биде „конечното решение“ за пораз на Исламската држава во Ирак, Сирија и Северна Африка.

Коалициските сили кои што ги предводи меѓународната Анти-ИСИС коалиција предводена од САД, веќе неколку месеци се обидуваат да го скршат отпорот на Исламската држава, пред се во главните упоришта на џихадистите во Сирија и Ирак.

Ирачката армија поддржана од САД води голема битка за заземање на најголемото упориште на ИСИС во Ирак – градот Мосул. Истовремено, курдските сили исто така предводени од САД се подготвуваат за заземање и на најголемото упориште на џихадистите во Сирија – таканаречениот Главен град на Калифатот, Рака.

„Умри од инат Америко, нациите во кои што и младите и старите се подготвени да умрат за Алах нема никогаш да биде поразена“, порача портпаролот на ИСИС, Ал-Мухајер.

Секако, губењето на Мосул во Ирак и Рака во Сирија, ќе биде огромен удар за Исламската држава, но според аналитичарите и воените експерти, тоа нема да значи дека џихадистите ќе бидат целосно поразени.

Поврзани вести

Back to top button