Третата најсилна партија во Германија ќе го забранува исламот
Партијата „Алтернатива за Германија“ која што според анкетите е трета политичка сила во земјата ќе се бори за забрана на исламот во земјата.
АФД на следниот конгрес планира да предложи програма според која исламот е спротивен германскиот устав. Во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, ова го најави заменик претседателката на партијата Беатрикс фон Шторк.
„Исламот сам по себе е политичка идеологија која што е спротивна на уставот. Ние сме за забрана за градење минариња, пеењето на оџите и покривање на жените“, вели во интервју за весникот фон Шторк.
Ваквите позиции според весникот наскоро ќе бидат дел од официјалната партиска програма на партијата која што на последните покраински избори освои меѓу 14 и 24 % од гласовите и најави сигурен влез во федералниот парламент на изборите закажани за наредната година.
Партијата АФД е формирана во 2013 година од страна на поранешни сопартијци на канцеларката Меркел кои не се согалсуваа со владините економски политики. Откако на почетокот на 2015 година се соочи со најнизок рејтинг и можно згаснување АФД минатата година за централна точка во својата политика го прогласи проблемот со бегалците по што почна драматчно да го зголемува својот рејтинг.
Со околу над 10 % поддршка на федерално ниво Алтернатива за Германија е трета по сила политичка партија во Германија зад владините коалициони партнери ЦДУ/ЦСУ и СПД а пред „Левицата“ и „Зелените“ кои што со децении функционираат на германската политичка сцена.