Свет

Трамп: Јас не сум видел дека Путин убива луѓе (ВИДЕО)

Потенцијалниот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, повторно застана во одбрана на рускиот претседател Владимир Путин, откако овој минатата недела го оквалификува Трамп како „мошне талентиран“, „апсолутен лидер во претседателската трка“.

tramp

Запрашан на Еј-би-си што мисли за тоа што руските власти често се поврзуваат со убиства на новинари, Трамп рече дека и САД често убиваат. Откако водителот особено ја истакна смртта на новинарката Ана Политковскаја во 2006 година, Трамп остро одговори: „Но, да бидеме фер кон Путин, вие велите дека тој убил луѓе, но јас не сум го видел тоа. Не знам дека убивал. Можете да го докажете тоа?“

Кандидатот за претседател на САД призна дека би било „одвратно“ кога Путин навистина би бил вмешан, но рече дека тој не видел „никаков доказ дека Путин убил некој новинар“.

-Никогаш не е докажано дека тој убил некого. Па, знаете, вие би требало да сте невин сè додека не се докаже дека сте виновен, барем во нашата земја, додаде Трамп.

Исто така, американскиот бизнисмен пред медиумите го бранеше својот став за претседателот на Русија.

-Јас би имал добар однос со него, за доброто на нашата земја. Обама нема добри односи со Путин, Путин не може да го поднесе нашиот претседател и тоа  создава големи проблеми. Уште одамна реков, ако Русија сака да ја истера Исламска држава по ѓаволите и да ни се придружи во овие напори, мене тоа апсолутно ми одговара, изјави Трамп.

Рускиот претседател, пак, минатата недела го пофали Трамп дека сака подлабоки врски со Москва и го опиша како „апсолутен фаворит во претседателската трка“. „Тој е многу екстравагантен човек, многу талентиран, нема сомнение во тоа… Тој е апсолутен лидер во претседателската трка, како што гледаме денес. Тој вели дека сака да ги крене односите на друго ниво, да ги продлабочи односите со Русија. Како да не го поздравиме тоа? Се разбира, ние го поздравуваме“, рече Путин за време на традиционалната голема прес-конференција на крајот на годината, за која беа акредитирани рекорден број од 1.392 новинари и претставници на медиумите.

Поврзани вести

Back to top button