Советник во Кремљ: Следната пресметка на Западот и Истокот ќе се одвива на Балканот
Рускиот аналитичар специјализиран за политичката ситуација на Балканскиот полуостров, Никита Дедков вели дека некои влади, а посебно онаа на Србија наскоро ќе мора да избере дали ќе прифати поддршка од Западот или од Русија.
Наводно властите од „Кремљ“ се брзаат што поскоро „да се врзат со Србија“ и на тој начин да сочуваат барем минимално влијание на Балканскиот полуостров, а со тоа и во Европа, а неодамна подарените руски авиони кои што ги добија Србите, анлитичарите сметаат дека се обид на Русија а ги натера српските власти да се откажат од аспирациите за членство во НАТО.
Михаил Александров, аналитичар на московскиот универзитет и центар за воено-политичка анализа кој што работи и како советник во Кремљ, вели дека руското подарување на „МиГ“ борбените авиони пристигнало во вистинско време, затоа што ЕУ и НАТО забрзано работат да ја притиснат Србија да го избере „евроатлантскиот пат“.
Според Александров, доколку Србија стане членка на НАТО Алијансата, тоа би било „национален пораз за Србите“, но исто така тоа ќе значи пораз за Русија која што ќе го загуби влијанието на Балканот после два века.
Александров додава дека Русија сега ќе се обиде да склопи воен сојуз со Србија и се надева дека Русите ќе изградат голема база кај нашиот северен сосед која „ќе ги искомплицира евентуалните операции на НАТО на Балканот и Средоземното море“.
Александров нагласува дека интересите наскоро на Западот и Русија ќе се судрат на Балканот, а не треба да се исклучи ниту можноста за нов српско-хрватски конфликт кој што лесно може да прерасне во нешто многу поголемо и поопасно.
Со оглед на тоа што Србија веќе доби борбени авиони од Русија, а најавено е и купување на ракетниот систем „БУК“, а од друга страна Хрватска купува американско оружје, двете земји лесно би можеле да се претворат во полигон преку чиј што грб ќе се кршат интересите на Западот и Русија.