Скопјанец припадник на ИСИС, спремен за самоубиствен терористички напад
Интерпол објавил листа од 173 осомничени припадници на терористичката група ИСИС, за кои се верува дека се обучени да спроведат самоубиствени бомбашки напади во Европа, како одмазда за воениот пораз на групата на Блискиот исток, пишува Guardian.
Меѓу нив се и осум лица од регионот,а еден од нив е и Албанец со македонско државјанство од Скопје.
Листата на Интерпол потекнува од разузнавачките податоци на американските безбедносни агенции, собрани во текот на нападите на териториите на ИСИС во Сирија и Ирак.
Европските антитерористички мрежи се загрижени дека ќе дојде до пораст на самоубиствените напад во Европа, додека се руши самопрогласениот Калифат на ИСИС.
Не постојат докази дека било кое од лицата на листата влегло во Европа, но целта на листата е да се види дали европските разузнавачки извори имаат било какви детали за поединците кои се нашле на листата.
На листата поединците се опишани како “можеби обучени да направат и постават импровизирани експлозивни направи за да предизвикаат сериозен број на смртни случаи и повреди”. Се верува дека можат да патуваат меѓународно, за да учествуваат во терористички активности.
Податоците првобитно ги собрале разузнавачки агенции на САД, преку проверени канали. Податоците потоа биле предадени во ФБИ, кој ги проследил до Интерпол, за да се споделат ширум светот, пишува Guardian.
Во фуснотата на листата, се опишува дека поединците се идентификувани на основа на материјали пронајдени во скривниците на ИСИС.
“Можно е субјектите да изразиле желба да извршат самоубиствен напад или чин со мачеништво за да го поддржат исламот”, наведува Интерпол.
Меѓу останатите податоци, се наоѓаат и имиња на поединци, кога биле регрутирани, последна позната адреса, вклучувајќи и адреса на џамијата во која можеби се молеле додека биле во борба, име на мајка и фотографија. За секој борец на ИСИС направена е своевидна лична карта, за секоја земја членка на Интерпол да може да ја интегрира својата база на податоци со таа на Интерпол.
Интерпол исто така побарал ги од своите национални партнери сите информации кои ги поседуваат за имињата на листата и сите останати податоци.