Свет

НАТО се вооружува, Путин се подготвува за одговор!

Европските земји членки на НАТО Алијансата за прв пат после една деценија ги зголемуваат буџетите за одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Тој додаде дека денес НАТО Алијансата се соочува со голем број на закани и безбедносни предизвици, отколку во изминатите неколку години.

Минатата година, европските сојузнички држави издвоија 253 милијарди долари за одбрана, односно повеќе од двојно помалку од Соединетите Американски Држави кои што имаат и натаму неверојатно голем воен буџет во висина од 618 милијарди долари.

За колку големи средства станува збор оваа година, и натаму не е познато, но Балтичките земји кои што се граничат со Русија најавија значителни зголемувања. Летонија ќе го зголеми воениот буџет за речиси 60%, Литванија за 35%, а Естонија и Полска ќе го зголемат воениот буџет за 9%. И Велика Британија ќе издвои повеќе средства за својата војска.

„Пред нас е долг пат, но тоа со кое што сега располагаме е далеку подобра слика од претходните години“, изјави Столтенберг.

Тој најави дека на самитот на НАТО Алијансата а 8-ми и 9-ти јули во Варшава ќе се одлучи колку точно дополнителни војници ќе бидат распределени на источниот блок од Алијансата, и тогаш ќе биде одредено каде војниците ќе бидат испратени. Тоа е одговор на „агресивната Русија која што ги загрозува соседите и ги менува границите со употреба на сила“, порача Столтенберг.

Не требаше да се чека долго за реакција од официјална Москва, пренесува “RSE”, наведувајќи ја изјавата на заменик шефот на руската дипломатија. Алексеј Мешков вели дека Русија ќе одговори на зголеменото воено присуство на источниот блок на НАТО.

„Мораме да ја имаме под контрола безбедноста на нашата држава“, изјави Мешков кој не сакаше да ги прецизира руските планови.

Москва исто така изрази незадоволство поради ставањето во функција на американскиот противракетен одбранбен штит во Романија и почетокот на неговата изградба во Полска, затоа што смета дека штитот е насочен кон руска територија и претставува закана по безбедноста на Руската федерација.

Проектили до Москва

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг минатиот четврток ја отвори првата ПВО база на НАТО. Таа е сместена на територијата на Романија и со тоа Романија стана домаќин на засега единствената копнена ракетна база од противракетниот штит кој ќе се инсталира уште во неколку земји во Европа.

Втората база во Полска во близина на брегот на Балтичкото море, би требало да стане оперативна во 2018-та година, а третата инсталација се наоѓа на југоистокот на Турција, со тоа што во турската држава единствено е разместен радарот AN/SPY-1D. Командата на противракетниот штит се наоѓа во американската воздухопловна база Рамстеин во Германија.

Поморската компонента од одбранбениот штит ја сочинуваат американските разурнувачи кои се опремени со противбалистичка варијанта на борбениот систем “Aegis”. Станува збор за воените бродови Доналд Кук, Рос, Потер и Царни и сите четири брода се опремени и со ракетите RIM-161 Standard 3, или поратко SM-3.

Самите ракети SM-3 Block 1B имаат максимален домет од 700 километри и можат да се искачат на висина од 500 километри. Цената на една ваква ракета изнесува 10 милиони долари, а во Европа се планира засега да бидат распоредени 52. Тие се наменети за пресретнување на балистички проектили од краток и среден дострел во средната фаза на нивниот пат надвор од атмосферата.

За лансирање на ракетите се користи стандардните Mark 41 вертикални лансирни силоси. Интересно е тоа што ударната должина може да прифати и крстосувачки ракети од типот BGM-109 Tomahawk кои имаат домет од 2,500 километри, односно можат да стигнат до Москва.

Нуклеарна војна

Пензионираниот британски генерал Сер Ричард Ширеф кој беше заменик врховен командант на НАТО пактот во Европа од 2011-та до 2014-та година, предупредува дека со ваквите потези НАТО ризикува можност од нуклеарна војна со Русија во рок од една година доколку не ги засили одбранбените капацитети во балтичките земји.

Според негово мислење, рускиот напад на балтичките држави е можен и западите земји мора да превземат нешто во врска со тоа за да биде избегната потенцијална катастрофа.

„Фактот дека поради руското поврзување на нуклеарното оружје со секој аспект од нивните одбранбени способности значи дека ова би било нуклеарна војна“, изјави Ширеф за британски „БиБиСи“.

„За претседателот на Русија, Владимир Путин мораме да судиме според неговите дела, а не зборови. Ја нападна Грузија, го нападна Крим, ја нападна Украина. Тој секогаш се извлекуваше кога ќе употребеше воена сила. Поради тоа, за време на овие тензии, нападот на балтичките земји е и тоа како можен“, смета британскиот генерал.

Ако се случи такво нешто, членките на НАТО Алијансата според членот 5 од основачкиот договор, ќе мора да застанат во одбрана на своите сојузници.

Поврзани вести

Back to top button