Свет

Косово и Африка се клучни: Како да се спречи појава на нова Исламска Држава

Светските лидери во 2017. година ќе мора да се концентрираат на спречување на појавата и растот на “нова Исламска држава”, исто како и на уништување на остатокот од старата.

Втората половина од 2016. година донела голем напредок во борбата против терористичката организација ИСИС – опсадата на Мосул е во тек, се подготвува офанзива на Рака, а обрачот околу лидерот на ИСИС, Абу Бакр Ал Багдади сè повеќе се стеснува, пишува Newsweek.rs.

Сепак, лидерите во 2017. година ќе мора да се концентрираат на спречување на појавата и растот на “нова Исламска држава”, исто како и на уништувањето на остатокот од старата.

Условите кои довеле до настанувањето на Ал Каеда и ИСИС и натаму се присутни не само во Сирија и Ирак, туку и на поширокиот Близок исток и Африка. Бројот на џихадистички групи во светот не се намалил, а хаосот кој им овозможил да пуштат корени е тука.

Во текот на претходната година, видовме дека Ал Каеда и ИСИС, иако претставуваат локални џихадистички движења, сепак делуваат глобално и способни се да изведуваат напади на сите светски континенти.

Поради тоа, ниту “Боко Харам” не е нигериски проблем, ниту џихадистичките ќелии на Косово не се “српски проблем”. Овие ќелии се дел од поширока меѓународна џихадистичка мрежа, или настојуваат тоа да станат. Токму тие помали ќелии во главно се извор на странски борци на ИСИС.

За барем малку да се намали проблемот, неопходни се многу построги закони за учесниците на странски боишта. Според некои проценки, моментално 5.000 граѓани на ЕУ се борат на страната на ИСИС, при што некои од нив неколку пати се враќале во својата земја.

Концентрирањето на групи кои имаат прекугранични, регионални или глобални аспирации, во голема мера ќе ја намали шансата за воскреснување на Исламската држава. Покрај тоа, кога Мосул и Рака ќе паднат, посебно внимание ќе треба да се обрати на бегалските кампови кои може да бидат плодно тло за регрутација.

Иако постоеле и пред да бидат забележани од глобалната јавност, ИСИС и Ал Каеда прераснале од локални движења во глобални џихадистички движења со голема брзина. Тој изненаден раст, како што се покажало, може да се случи било каде – од Балканот до југоисточна Азија.

За да не дозволат раст на нови џихадистички групи или тоа што ќе остане од ИСИС, неопходно е пред сè да не се потценат, а потоа и да се извлечат лекции од минатото. На тој начин заедно ќе се избориме со ИСИС во иднината, пред да пушти поголеми корени.

Поврзани вести

Back to top button