Свет

Германци протестираат против изградба на џамија со поставување крстови

Група демонстранти поставија неколкуметарски дрвени крстови во градот Ерфурт во германската покраина Туринген, каде што локалната муслиманска заедница планира изградба на џамија.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, првиот крст, висок 10 метри, бил поставен на почетокот на месецот на приватен посед на локалната муслиманска заедница, по што деновиве биле поставени и неколку други крстови. Дрвените христијански симболи ги поставува групата што се нарекува „Граѓани за Ерфурт“, која воопшто не сака да ги скрие своите активности кои се спротивни на неколку германски закони.

Групата од Ерфурт е помогната и од антимигрантскиот клуб „Еден процент“ од соседната покраина Саксонија. Името на оваа група го означува процентот на муслимани во покраината.

Пред една недела според германските медиуми, 10-метарскиот крст бил урнат од група непознати луѓе, по што тој бил повторно поставен, но овој пат заедно со уште шест дрвени крстови во различна големина.

Крстовите се поставени откако минатиот месец муслиманската заедница „Ахмадија“ најави дека на локацијата ќе ја гради првата џамија во покраината Туринген, во која од вкупното населени од околу два милиони жители неколку илјади се муслимани.

Во моментов муслиманските верници во овој германски регион своите верски права ги остваруваат во соби за молење во неколку градови.

Согласно германските закони, муслиманската заедница пред да започне изградба на верски објект ќе мора да добие дозвола од локалната градска администрација, што според локалните медиуми може да предизвика инциденти во регионот во кој и досега имаше низа конфликти во кои беа напаѓани бегалци муслимани.

Градоначалничката на Ерфурт, Катрин Болке веќе најави дека не може да спречи изградба на џамија, затоа што таа ќе се гради на приватен имот и дека ќе започне преговори со противниците на изградбата со цел нивните протести да не се претворат во насилство.

Претставникот на мислиманската заедница во Ерфурт, Мохамед Сулејман Малик изјави дека поставување на крстови на нивното земјиште не го смета за провокација.

– Би било добро ако црквите, синагогите и џамиите се наоѓаат едни покрај други. Ние би поздравиле изградба на црква во блзина на местото каде што ќе се гради џамијата, изјавил Малик за веб сајтот Туринген 24.

Претставници на христијанската заедница во Туринген јавно ги осудија активностите против изградба на џамија, во кои се користи христијанскиот симбол.

Како резултат на над еден милиони и 300 илјади бегалци кои во последниве две години пристигнаа во Германија, во земјата драматично порасна антиисламското расположение. Во 2016 година според извештај на Министерството за внатрешни работи, во Германија се случиле над 3.500 напади врз бегалци и мигранти. Цел на нападите биле поединци мигранти, но и над 1.000 ибјекти за сместување на бегалци од кои најголемиот број се муслимани.

Поврзани вести

Back to top button