Додека е Путин нема да има „држава“ Косово
Русија нема да ја признае независноста на Косово, Москва не тргува и никогаш нема да тргува со територијалниот интегритет на Србија, порачаа руски експерти. Тие ова го истакнаа коментирајќи ги тврдењата на западните аналитичари дека „Русија би можела да го признае Косово за да се договори со САД“, пишува Спутник.
Руските експерти тврдат дека ваквите изјави личат на обид на западните експерти да се внесе раздор меѓу Русија и Србија.
„Тоа личи на обид да се внесе раздор, бидејќи сценариото Москва да го признае Косово не е можно, особено додека е Путин на власт. Дури и ако САД изнесат таков предлог, Русија би го одбила и не би влегувала во таков вид трговија, бидејќи нам не ни е потребна поддршката од Вашингтон за Крим да биде руски. Крим се врати во составот на Русија преку референдум, и покрај ставот на САД и ЕУ. Знаевме што нѐ чека и што ќе следи потоа и бевме спремни на тоа“, вели за Спутник Игор Пшеничников, советник на директорот на Рускиот институт за стратегиски истражувања.
Тој не ја исклучува можноста САД да ја изнесат понудата „Крим за Косово“, но е уверен дека Москва на тоа нема да се согласи под никакви услови.
„Со признавање на Косово би го предале нашиот главен сојузник на Балканот, а тоа би бил и сигнал за сите оние кои се сепаратистички расположени во Србија. Освен тоа, признавањето на Косово од страна на Русија би било и кршење на постојниот систем на меѓународното право, тоа би бил неморален чин, и затоа Русија тоа никогаш нема да го направи“, заклучува Пшеничников.
Реакцијата на руските аналитичари следува по тврдењата на британската експертка за Русија Мери Дејевски дека Москва би можела да го признае Косово како дел од поширок договор меѓу САД и Русија, откако Доналд Трамп стана претседател на Америка.
„Додека руското признавање би било славено како голем успех на Косово, тоа би бил голем шок за рускиот историски сојузник, Србија“ напиша Дејевски.
Колумнистката на Гардијан кажа дека Владимир Путин вложува многу труд во подобрувањето на односите меѓу руската и американската администрација, и дека не би смеел да дозволи ваква прилика, како Косово, да му лизне ни прсти.
Таа, како што тврди, редовно се сретнува со лидерите на Кремљ преку групата „Валдај“, која се сретнува со руските државници секоја есен, а сугерира дека Москва би можела да го признае Косово како дел од договор чија цел би било затворање на различните дипломатски проблеми по Студената војна кои ги загрозуваат односите меѓу силите.
Меѓутоа, во клубот „Валдај“ таквиот вид трговија меѓу Русија и САД категорички го отфрлаат.
„Мислам дека нема основа да се става на маса прашањето за признавање на Косово. Всушност, проблемот со Косово на Балканот никако не може да се поврзува со руско-американските односи, па со самото тоа трговијата е невозможна. Со други зборови, Косово не е тема на разговор меѓу двете земји и не верувам дека ќе се најде на дневниот ред. Само во случај ситуацијата на Балканот нагло ако се влоши и се појави ново жариште, кое ја загрозува меѓународната и регионалната безбедност, прашањето на Косово би можело да се најде во разговорите меѓу Кремљ и Белата куќа. Но, во моментов не постојат фактори кои би можеле да го променат ставот на Кремљ за територијалниот интегритет на Србија“, вели за Спутник Андреј Сушенцов, програмски директор на Валдај клубот, експерт за надворешната политика на САД и шеф на руската агенција Надворешна политика.
Тој истакнува дека интересите на Србија и другите руски сојузници никако нема да бидат загрозени од евентуалното подобрување на односите на Русија и САД.
„Не треба да се очекува Русија и САД да тргуваат со признавање или непризнавање на територии, барем Русија не користи такви инструменти. Значи, односните со други земји нема да бидат предмет за трговија во дијалогот на Москва со Вашингтон. Затоа, интересите на Србија и другите руски сојузници нема да бидат загрозени, дури и ако дојде до развој на односите меѓу Русија и Америка“, заклучува Сушенцов.