Албанскиот експерт: Албанија е земја со најголем број на радикализирани лица во Европа, за тој проблем нема „вакцина”
Албанскиот експерт за меѓународни односи, Ардијан Штуни изјави дека Албанија е земја со најголем број на радикализирани лица во Европа што се поврзува со „криза на идентитетот кај Албанците”.
– Прашањето што треба да се постави е фактот зошто толку голем број на Албанци одат во Сирија. Ние сме земја со најголем број на радикализирани во Европа. Сè е поврзано со кризата на идентитетот на Албанците. Сузбивањето на проблемот со екстремизмот бара голема финансиска поддршка, изјави тој за „Њуз 24“ преку скајп врска од Вирзија, САД.
Тој смета дека дерадикализацијата е можна, но не е загарантирана, при што го посочува примерот со терористичкиот напад во Виена, извршен од лице кое во Турција, влегло во програма за дерадикализација, но тоа не дало успех.
– Не е лесно да се работи со овие типови. Дерадикализацијата е можна, но не е загарантирана. Не само затоа што се сиромашни. Не е точно дека луѓето се вртат кон радикализација поради економски проблеми. Има етнички, социјални групи, како што се Ромите, кои се помалку интегрирани во однос на вработувањето. Како можеме да го објасниме ова?! – Зошто не отидоа да војуваат во Сирија, запраша тој.
Притоа дава, како што вили, еден едноставен пример.
– Јас давам еден едноставен пример, а тоа е Лавдрим Мухаџери (од Качаник, водач на албанските џихадисти) кој работел во Бондстил, потоа како консултант во Авганистан и можам да кажам дека имал поголема плата од министрите во Косово. Тој не беше сиромашен. Бин Ладен беше мултимилионер. Покомплицирано е. Дилемата за мене е зошто ова сега се случува со Албанците? – Тоа е она што најмногу ме погодува, се обидов да го разберам, но, нема едноставен одговор, посочува Штуни, додавајќи дека не треба да се отфрли како причина и сиромаштијата.
Оценува дека се соочуваме со криза на идентитет насекаде, дека тоа се гледа кај Албанците, кои масовно ја напуштаат земјата, исто како и во БиХ и додава дека овие проблеми започнале по падот на комунизмот, кој ги држел работите под контрола.
– Немаше верски организации за индоктринација на луѓето. Проблемот во суштина бара експертиза, финансирање. И суштинскиот проблем е што нема финансирање. Ова не треба да се третира од апсект на јавно прашање, вели тој.
Порачува дека ова прашање бара сериозен став, зашто бројот на радикализирани не е мал.
– Треба да разбереме зошто „спиевме”, зошто заспавме. Затоа, велам, не се занимавајте само со јаболкото, туку со дрвото. Уште од затворите продолжуваат да се радикализираат. Затворот не го решава проблемот. Нема вакцина за овој проблем, кој се акумулира долго време, рече Штуни.
Претходно албанскиот експерт по безбедносни прашања, Арјан Дурмиши, изјави дека на Балканот има пет милиони парчиња оружја во рацете на цивилите и оти ИСИС се обидува да ги искористи.