Драматично: Џихадистите го пробиваат фронтот (ВИДЕО)
Сириските бунтовници денеска соопштија дека започнале офанзива против владините сили во градот Алепо, со цел да го пробијат обрачот околу градските реони под нивна контрола.
Сириските владини сили ги опколија бунтовниците во источниот дел на Алепо, каде според податоците на ОН, се наоѓаат околу 300.000 лица, кои се соочуваат со недостиг на храна и основни лекови.
Во соопштението на групацијата „Џаиш ал Фатах“, во која меѓу останатите членува и Фронтот „Фатах ал Шам“, како што сега се нарекува сирискиот огранок на Ал Каеда, Фронтот ал Нусра, се наведува дека во првите часови од офанзивата бунтовничките борци презеле неколку позиции на владините сили.
Веста на стартот на офанзивата на бунтовниците ја потврди и сириската државна телевизија, но во нејзините извештаи се посочува дека владините сили го одбиле нападот и дека притоа презеле контрола врз една воена база и едно училиште.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, пак, соопшти дека во Алепо денеска се водат борби меѓу владините сили и бунтовниците на неколку фронта.
Различни извори наведуваат и различни информации за жртви. Така пробунтовничките медиуми јавуваат за дестици жртви при напади на хеликоптери на владините сили врз населбата Бустан ал Баша, додека сириската државна агенција САНА јави дека најмалку 11 лица загинале, а 53 се ранети при артилериски и снајперски оган на бунтовниците.
Како што јави ТАСС, ова е прв напад на бунтовниците врз западниот дел на Алепо, кој е под контрола на владините сили, откако во нивните меѓусебни борби минатата недела бунтовничките борци доживеаја тежок пораз и беше прекинат единствениот канал за нивно снабдување, патот „Кастело“, која го поврзува градот со Турција.