Околу 20 проценти од вработените во ИЈЗ со години не се појавувале на работа, а примале плата, архиварката дури 98.000 денари за ништо, поранешниот директор Мемети вели дека се бркаат Албанци

Обвинителството сè уште молчи за неправилностите кои Државниот завод за ревизија ги откри за работењето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Наодите ги презентираше директорката Марија Андоновска, која информираше дека целокупната документација е доставена до надлежните институции.
Според Андоновска, до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство се предадени 20 класери со документација и докази кои произлегуваат од ревизорскиот извештај. Таа посочи дека ова е прва ревизија во Институтот по 2017 година.
Ревизијата открила и сериозни пропусти во кадровското работење. Според Андоновска, околу 20 проценти од вработените со години не се појавувале на работа, а редовно примале плата. Дел од нив, како што тврди, плаќале по околу 200 евра на други лица за лажно да го евидентираат нивното присуство на работното место.
Утврдени биле и случаи на вработени кои немале положено административен испит, иако тоа било законски услов за извршување на работните обврски. Овие лица, според директорката, повеќе не се дел од институцијата.
Посебен дел од ревизијата се однесува на исплатата на плати и надоместоци. Биле констатирани случаи во кои административни работници добивале надоместоци за активна и пасивна приправност, иако според прописите тие следуваат исклучиво за медицински персонал. Во одредени случаи овие додатоци достигнувале и до 108 проценти од основната плата.
Како пример за несоодветна распределба на средствата беше посочен случај на архивар со основна плата од 98.000 денари. Дополнително, биле исплаќани и награди за таканаречено „домаќинско работење“, иако таква категорија не постои во колективниот договор.
Ревизорите откриле и случаи на редовно вработени лица кои истовремено имале склучено договори на дело со истата институција. На овој начин, покрај редовната плата, тие добивале дополнителни месечни надоместоци кои се движеле од 44.000 до 88.000 денари, на едно вработено лице за архивска граѓа – како на пример, за чистење двор .
Според Андоновска, поради ваквите практики, Институтот секој месец исплаќал меѓу пет и шест милиони денари повеќе од предвиденото со колективниот договор. Таа посочи дека оваа сума е еквивалентна на набавка на едно амбулантно возило месечно.
Директорката оцени дека ревизорскиот извештај покажува сериозни системски слабости и финансиски оштетувања на буџетот на Институтот за јавно здравје, поради што случајот е предаден на натамошно постапување на истражните органи.
Била купувана опрема која веќе ја поседувале, наместо онаа што навистина недостигала. Дополнително, биле набавувани електронски уреди како компјутери, лаптопи и мобилни телефони со пониски технолошки спецификации од оние што биле платени. Исто така, бил склучен договор за телекомуникациски услуги со двојно повисоки цени – наместо 80 илјади денари биле исплатени 1,5 милиони денари. Во извештајот се споменува и кабел долг 15 километри, набавен за 15 илјади евра, за кој не се знае каде се наоѓа.
„Документите беа доставени до Бирото за јавна безбедност, односно до Секторот за сузбивање организиран криминал и корупција, во единицата за корупција. По добивањето на информациите, тие дојдоа да преземат одредени досиеја. Процесот не беше едноставен, со месеци траеше разгледувањето и селектирањето на документите што им беа потребни. Колку што сме информирани, предметот бил проследен и до други институции, како Основното јавно обвинителство, но досега немаме никакви информации за понатамошна постапка.“, вели Марија Андоновска.
Сепак, Андоновска не соопшти вкупна сума за тоа колкава штета му била нанесена на буџетот на ИЈЗ во текот на 2024 година.
Да потсетиме, во втората половина од 2024 година директорка на ИЈЗ беше токму Андоновска, додека во првата половина од истата година директор беше поранешниот раководител на Институтот, Шабан Мемети. Тој за ТВ21 изјави дека сите тврдења на актуелната директорка се невистинити и дека таа отпуштила петмина Албанци од работа. Според Мемети, по една и пол година надлежните институции треба да утврдат дали навистина постоеле евентуални злоупотреби.



